Подготовките за одбележување на верскиот празник Богојалвение – Водици 2012 година се во полн ек. Во тек е пријавувањето на кандидатите за кумови, кои традоционално ќе ги избере здружението за целосна афирмација на МПЦ „Богојавление“ на 4-ти декември.

-Заинтересираните можат да се пријавуваат преку веб сајтот на здруженито или во ресторанот „Св. Софија“. Секој кој е подготвен да ја поддржи манифестацијата може да биде кум, а здружението, како и секогаш, верувам дека ќе го одбере вистинскиот кандидат, изјави за OhridNews Димитри Пендовски од здружението на граѓани „Богојавление“.

Од здружението најавуваат збогатување на манифестацијата која од година во година привлекува се поголем број туристи. Наскоро ќе биде објавен и атрактивен пакет аранжман за богојавленските празници во Охрид, што ќе го нудат туристичките агенции.

-Во преговори сме со хотелиерите да понудиме една навистина атрактивна цена за да привлечеме што поголем број туристи, додава Пендовски.

Новина ќе биде враќање на одбележувањето на Денот на рибарите на градското пристаниште, затоа што според организаторот на манифестацијата просторот кај Сараиште каде изминатите неколку години се одвива оваа манифестација станува претесен.

-Кај пристаништето има поголем простор и манифестацијата може подобро да се организира, поради што сериозно размислуваме за оваа опција, додава Пендовски.

Г.М.