Иако предложените измени во Правилникот за категоризација на угостителските објекти за сместување не се драстични, тие може да предизвикаат проблеми во работењето на охридските хотели, а не се исклучува можноста и дел од нив да останат без најмалку една ѕвездичка, велат од ХОТАМ.  Оттаму потенцираат дека за исполнување на условите наведени во правилникот, потребно е и повеќе време и повеќе пари.


Нема некои драстични промени, но дел од нив можат да бидат погубни за хотелиерите, бидејќи се бара зголемување на површината на тоалетот за половина метар квадратен, што може да предизвика големи трошоци во реконструкцијата, да чини многу пари, но може да настане и нарушување на статиката на објектот, па поради безбедност на гостите да треба да се вложат многу пари. Се бара зголемување на собите за 2-4 метра квадратни, што исто така ќе предизвика дополнителен трошок. Во конкретнава ситуација на многу од колегите можеби ќе им биде поисплатливо да симнат една ѕвезда, отколку да влезат во големи трошоци, затоа што ќе се изгуби многу време во реконструкција, објектот не  ќе може да работи, а со тоа што ќе се направи нема да се добие и поголем број клиенти, вели Дончо Танески, претседател на ХОТАМ.

Како што објаснува Танески, евентуалната корекција во категоризацијата негативно може да се одрази и на веќе склучените договори со тур-операторите од земјите од БЕНЕЛУКС.

– Договорите се потпишани за три години, а цените се формирани на база на постојната категоризација и тоа би значело доколку дојде до некакви промени во категоризацијата, ќе треба да има намалување на цените, од што ќе загубат и стопанството и државата, бидејќи на помала цена плаќаме помал данок, вели  Танески.

Како што беше потенцирано од страна на министерството за економија, кое го изготви правилникот за категоризација, основна цел е со неговото усвојување да се изврши транспарентна категоризација на хотелите и да се подигнат стандардите  на сместувачките капацитети во земјава.

Пред да бидат официјално усвоени, новите нацрт-критериуми за категоризација, ќе бидат презентирани пред туристичките работници,  на јавна расправа. На хотелиерите ќе им биде оставен рок од две години за да ги прилагодат објектите на новиот Правилник, а дотогаш во соработка со Државниот пазарен инспекторат ќе се спроведат низа контроли за да се види како се спроведува категоризацијата.

Согласно Правилникот, хотелите со една и две ѕвездички треба да имаат најмалку 10 соби, оние со три ѕвездички 15, а хотелите со четири или пет ѕвездички најмалку 20 соби. Во сите хотели треба да има можност да се плаќа со кредитни картички. Меѓу останатото, хотелите со четири ѕвездички како дополнителна содржина ќе треба да имаат базен, а со пет ѕвездички задолжително и базен, фитнес и спа центар. Зголемена е и квадратурата на собите на 14 метри квадратни за еднокреветна соба за хотел со пет ѕвездички, 12 метри квадратни за хотел со четири ѕвездички.

OhridNews