До средината на овој месец треба да се знае новиот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, соопшти денеска актуелниот претседател на охридскиот огранок и пратеник во Собранието, Владо Стефаноски.

Времетраењето на изборот не е ограничено, но сепак, зависи од расположливото време на претседателот на партијата, Никола Груевски, кој ги врши интервјуата со кандидатите, рече доктор Стефаноски. Тој подвлече дека сите досегашни имиња за евентуален претседател на општинската партија се во доменот на шпекулацијата, и  оти премиерот Груевски ќе биде првиот што ќе го знае името на претседателот.

И имињата за кандидат за градоначалник се во доменот на шпекулациите. Добро е што се споменуват имиња, тоа значи дека во партијата има квалитетни кадри,  но кандидатот ќе биде избран по опсежна опсервација и анкетирање на граѓаните, додаде Владо Стефаноски.

На денешата средба со новинарите, пратеникот информира дека продолжуваат средбите со граѓаните. Пратеничката канцеларија во просториите на Охридски комуналец кај пазарот треба да  биде свечено отворена за една седмица, но таа, како што соопшти Стефаноски, неофицијално функционира и е отворена за граѓаните. За оние од поодалечените места, пратеникот рече дека се остваруваат контакти на терен.

На жителите од повеќето села во општина Дебрца главен проблем им е невработеноста, но ти е се соочуваат и со помали проблеми како што се наводнувањето, доцнењето на субвенциите и плаќањето на персоналниот данок за откуп на млекото, кажа пратеникот Стефаноски.

А. Ристоска