
На универзитетот ќе предаваат еминентни странски професори, а наставата ќе се одвива исклучиво на англиски јазик. За почеток предвидени се пет наставни студии на кои ќе се запишат по 25 студенти. Привремено наставата ќе се одвива во Домот на АРМ, додека не се изгради новиот универзитетски кампус во Охрид, за што во тек е процедура за избор на идејно решение, информираше министерот Иваноски.
Амбициозниот образовен проект на Владата го оспорува опозицијата која смета дека идејата за отворање на новиот универзитет за информатички технологии во Охрид е нереална и популистичка.

За Макрадули спорни се и примањата кои ќе ги добиваат странските професори, кои како што кажа, месечно ќе заработуваат колку еден македонски професор за една година.
– Во земјава има и квалитетно образование по информатика има и квалитетни професори и се надевам дека Владата ќе престане со оваа инает политика и ќе се сврти кон вистинските вредности, а не кон луѓе од бизнисот кои со сила и надвор од закон се наметнуваат како ректори, додаде Макрадули.
Критиките на опозицијата за Владата не држат, бидејќи како што посочуваат оттаму, на новиот Универзитет ќе се вработат и домашни професори, а кадрите кои тој ќе ги продуцира ќе бидат високо образовани информатичари кои ќе можат да одговорат на предизвиците на современото време.











