Во текот на оваа или наредната недела најавениот нов закон за легализација на бесправно изградени објекти ќе биде доставен до Владата и ќе биде прикачен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Со новиот закон, како што тврди, дополнително е регулирано прашањето за заштитените подрачја, што беше меѓу клучните причини за повлекување на претходното законско решение, ќе нема можност за злоупотреби, ќе се зголеми опфатот на лица со ниски примања кои ќе сакаат да легализираат објекти и нема да бидат опфатени делови од станбени згради.

Направивме дополнителни консултации со сите сфери во делот на овој закон посебно со Здружението на архитекти, Комората на овластени инженери. Така што ова прашање е доста важно. Целосно го затегаме законот од аспект каков било тип на можни злоупотреби да не се случуваат. Прашањето во делот на заштитените подрачја дополнително го регулиравме и сметам дека ќе биде позитивно прифатено затоа што и претходно намерата не ни била да донесеме закон со којшто ќе се стават во правна рамка објекти во заштитени зони, но денес еве целосно тоа го исклучуваме. И аспектот дали еден граѓанин може да поднесе едно барање за ставање во правна рамка на бесправно изграден објект исто така беше тема на дискусија и ќе биде прифатено, изјави Бочварски, одговарајќи на новинарски прашања.

Законот ќе оди по редовна постапка, а министерот очекува дополнително да ги слушне расправите и дискусиите во Собранието, а и досега очекувал малку поголема вклученост од сите заинтересирани. Владата најави изработка на нов закон, откако на крајот на мај годинава го повлече од собраниска процедура законот за легализација, за кој имаше реакции во јавноста, меѓу останатото околу можноста за легализација во заштитените подрачка. Претходно законот не доби потпис од претседателот Стево Пендаровски.

Бочварски, денеска на пресконференција информираше дека ќе се донесе и нов закон за градење за кој веќе е изработена нацрт-верзија и во тек се консултации со стручната јавност. Во него, меѓу другото, се предвидува скратување на постапките за издавање на актите за градење со воведување обединета постапка за сите видови акти, укинување на прекумерниот број позитивни мислења и согласности за градење, како и категоризација на сите градби.

Опцијата постојниот закон да се поправа со измени и дополнувања не е прифатлива бидејќи се работи за погрешни решенија што се донесени цела деценија и што го компромитираат практично секој член од законот. Донесување на нов закон за градење, во кој на современ, стручен и европски ориентиран начин, ќе се уреди материјата на градењето и ќе се овозможи просторниот и економскиот развој на државата, е единствената прифатлива опција за решавање на состојбите во дејноста, истакна Бочварски.