Зголемен интерес кај граѓаните за примање на првата доза вакцина во Охрид по донесување на мерките од Владата. На вакциналниот пункт денес можеше да се забележи редица од луѓе кои чекаа да ја примат првата доза на вакцина. Директорката на Здравствен дом Охрид, Ајсел Зејноска вели дека интересот е голем кај сите возрасни групи.
Со оглед на тоа дека во тек е и ревакцинацијата, а со цел да не се прави дополнител метеж, одлучено е истата да се спроведува на пукнтот пред модуларната болницата, додека примањето на првата доза на пунктот кај Службата за вакцинација каде што се вакцинираат децата од училишна возраст, вели директорката Зејноска.
Вакцинацијата на вакциналните пунктови во Охрид се одвива од 7.30 до 15 часот, а се вакцинира со вакцините Фајзер, Синовак и Астра Зенека. Вакцинацијата се одвива и со закажување преку мој термин и без закажување, при што е потребно пациентите да носат лична карта со себе.
Од Министерството за здравство информираат дека на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 552.263 граѓани. Прва доза вакцина вчера ја примиле 8.202 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 14.928 граѓани.
Н.С.Ј.













