Охридските пратеници кои ќе седнат во собраниските клупи, по претстојните Парламентарни избори треба да се залагаат за подобрување на животниот стандард и економските услови во Охрид. Ова се дел од очекувањата на охриѓани кои работат и егистираат во приватниот сектор. Според нив новите пратеници треба многу повеќе да ги застапуваат локалните интереси.
-Самиот назив кој го носат е пратеници, што значи дека тие се наши пратставници во законодавниот дом. Од нашите досегашни пратеници мислам дека не видовме ништо конкретно што се однесуваше на Охрид. Ни од пратениците на опозицијата ни од пратениците на власта, не видовме ниту еден зрел предлог, иницијатива, проект, кој донесе нешто добро во нашиот град, вели охриѓанецот Игор, кој работи како дистрибутер на една скопска фирма во Охридско-струшкиот регион.
Тој смета дека новата пратеничка гарнитура од Охрид, која ќе замине за Скопје, треба повеќе да размислува за економскиот развој на нашиот град и за подобрување на условите за живот.
Охриѓанката Ивана, која работи во еден охридски маркет потенцира дека на младите им е доста од празни и неисполнети ветувања.
-На секои избори сите ветуваат се и сешто, но фактичката состојба е нешто друго. Со години наназад, во Охрид, буквално ништо не се помрднува од место. Доколку сакаме да имаме подобар стандард, овде треба да се развие стопанство, но ако продолжи ваквата состојба како што е сега, бројот на млади кои се иселуваат ќе стане поголем, вели нашата соговорничка.
И претставниците на охридската бизнис заедница сметаат дека пратениците кои ќе бидат дел од новиот парламентарен состав, во приоритет треба да ги стават економските интереси на Охрид.
-Од новите охридски пратеници очекуваме поголема соработка со приватниот сектор. Би сакале повеќе да се заинтересираат што работиме, со кои проблеми се соочуваме, како се справуваме на пазарот, дали имаме некакви потреби. Очекувам дека ќе имаат слух за локалните бизнисмени, кои се верни на градот и во континуитет вложуваат тука, вели Стојан Ѓоргоски, сопственик на охридската компанијата за сателитска опрема „ЗОРА“, која работи повеќе од 20 години.
Сопственик на една фирма за трговија со мебел, пак вели дека не очекува големи промени во комуникацијата со новите пратениците.
-Охридските приватници буквално се оставени сами на себе, па воопшто и не ми е важно кој ќе не претставува во власта. Како и до сега, така и од сега во кругов на нашиот сектор ќе се бориме сами, вели нашиот соговорник, кој инсистираше на анонимност.
Охридските трговци со текстил, со кои успеавме да исконтактираме велат дека очекуваат повеќе вработувања, за да имаат поголем промет.
-Новите пратеници треба да се залагаат за намалување на невработеноста во градот, само на тој начин ќе ни помогнат нам, бидејќи ако луѓето земаат плати, ќе трошат повеќе, па и ние ќе имаме поголем промет, велат сопствениците на неколку охридски бутици.
Според нив доколку имаат поголем промет ќе можат да ги зголемат и платите на своите вработени и да го подобрат нивниот статус.
Е.М