Новите регистарски таблички со современ и европски изглед  не предизвикаа голем интерес кај охриѓани, а ретки се оние возачи кои што поради лична желба, ги замениле старите сообраќајни ознаки со нови. Сопствениците на возила коментираат дека иако стандардните таблички чинат само 1.200 денари, нивната промена е своевиден луксуз.

-Ни се допаѓаат новите таблички, помодерни се од старите, но мислиме дека најголемиот дел од граѓаните ќе продолжат да ги возат автомобилите со старите таблички, секако  додека тоа е возможно, затоа што најверојатно во најскоро време промената на табличките ќе биде задолжителна, велат поголемиот дел од охридските возачи кои ги запрашавме што мислат за новите таблички.

Од СВР Охрид информираат дека четирицифрените таблички се делат речиси со иста динамика како и претходниот период и дека не е забележан зголемен интерес кај сопствениците на возила.

– Службите кои се надлежни за процедурата за издавање на сообраќајни броеви ја работат работата со стандардна динамика. Најголемиот дел новите таблички кои до сега се поделени се издадени поради регистрација на  ново возило, промена на сопственост на возилото или промена на живеалиште на сопственикот. Секако има и одредени исклучоци кога сопствениците на автомобили, по сопствена желба сакаат да ги променат ознаките на возилата со нови, вели Стефан Димоски, потпарол на СВР Охрид.

Тој нагласи дека до сега не е евидентиран ниту еден случај на охриѓанец кој побарал  вип- табличка, за чија што порачка треба да се плати  1200 евра.

OhridNews