Предлог одлуките за давање согласност за усвојување на годишниот план за вработување во јавните претпријатија „Охридски Комуналец“ и „Градски Пазар“ за 2017 поттикнаа долга расправа и спротивставени ставови меѓу советниците на денешната 67-ма седница на советот.
Советниците од опозицијата сметаат дека во услови кога не се прикажуваат нови приходи и кога голем дел од постоечките вработени се на принуден одмор, неосновано е да се вработуваат нови лица.
– „Градски пазар“ од досегашни 29 вработувања и 6 по договор, планира 11 нови вработувања што значи дека за 40% ќе го зголеми бројот на вработувања, а пред еден месец се усвои програмата за работа на „Градски пазар“ во кој апсолутно не покажаа дека ќе имаат нови приходи. Овие 11 вработувања доколку се реализираат би значело дека ќе треба претпријатието годишно да плаќа околу 4 милиони денари, а вкупните приходи на претпријатието за 2017 се 16 милиони денари. Ние реагиравме и што планираат да ги зголемат вработувањата воочи локалните избори. Сите јавни претпријатија некогаш броеја вкупно 130, а сега над 350 вработени, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.
Тој додава дека СДСМ не е против нови вработувања, но е кога се гледа безидејноста на актуелната власт, како што вели, која не знае да отвори нови активности кои што ќе значат и нови приходи. Незидржаноста на предвидените нови вработувања, опозицијата ја гледа и во тоа што и во двете јавни претпријатија голем дел од вработените се на принуден одмор.
Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, појаснува дека согласно новите измени на законот за административни службеници секоја институција е должна да изготви годишен план за вработувања на почетокот на годината кој се доставува до министерството за информатичко општество и администрација.
– Се работи само за план и концепција на јавните претпријатија, а не како што истакнува опозицијата, за вработувања. Планот го носите во максимална бројка и следствено на финансиските средства со кои се располага и можностите на претпријатието се носи одлука колку луѓе ќе се вработаат. Секако дека можат да се вработаат помалку од тие предложени бројки во планот, а никако не смее повеќе. Овие работни места се резултат на намален број вработени, поради пензија или напуштање на работното место и има потреба од нивно пополнување. А, „Градски пазар“ со оглед на тоа што конципира дејности за во иднина, доколку отпочне со нивна примена треба и нови вработени согласно предвидената систематизација, вели Спасески.
Според секретарот, неразбирливо е што опозицијата на денешната седница развила политички дискусии, поради тоа што претходно осум години раководела со Охрид, во времето кога се случиле поделбите на јавните претпријатија, кои потоа биле наследени со превработеност.
На денешната седница беше констатиран и престанок на мандатот на досегашниот член во Советот, Жаклина Лазаревска од СДСМ, која во идниот период ќе ја извршува пратеничката функција во македонското собрание. На нејзино место, во советничкото столче од денес ќе седи 27-годишната Јасмина Маркоска, правник по професија.
На седницата беа усвоени и низа барања за легализација, а беа и разгледани и донесени неколку нацрт урбанистички планови.
Т.К.