Плоштадот „Свети Климент Охридски“, Градскиот кеј и стариот дел на Охрид во текот на оваа година ќе добијат нови решенија на мрежите за јавно осветлување. Според годишната програма, за оваа намена планирано е да се издвојат околу 2 милиони денари од Буџетот на Општина Охрид.

Од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици велат дека сеуште не е донесена одлука за начинот на кој ќе бидат изведени новите решенија за осветлување.

-Се размислува на две варијанти или да се реконструира старата или да биде поставена нова мрежа со лед диоди. Целта на новите решенија за осветлување е да се заштеди електрична енергија и да се обезбеди подобро осветлување во центарот на градот, информираат надлежните за комунални дејности.

Освен новите решенија за осветлување во централното градско подрачје, во програмата за Јавно осветлување во период од 2014 до 2016 година планирани се и други инвестиции.

Нови мрежи за јавно осветлување ќе бидат инсталирани на улиците „Ристо Чадо“, „1-ва Македонска ударна Бригада“, „8-ми Септември“ и „Лазо Трпоски“. Ново осветлување ќе добјат и краци на улиците „Партизанска“, „Абас Емин“, „Кирил и Методи“, „Мирче Ацев“, „Андон Дуков“ и „Радојца Новичиќ“. Инсталации за осветлување ќе се постават и на регионалниот пат за влез во населба Рача, за делница од „Алтанин Мост“ преку Орман до Долно Лакочереј, во населбата „Бејбунар“ и неколку други локации.

Реконструкција и проширување на уличните мрежи ќе бидат извршени на улиците „Сатеска“, „Трајче Трајчески“, „Мичо Гилиќ“, „Егејска“ и „Спас Банџов“, како и на дел од улиците во населбата „Гоце Делчев“. Реконструкција на осветлувањето ќе има и во делови на селата Лескоец, Трпејца, Велгошти, Горно Лакочереј, Елшани и Косел.

Е.М