За помалку од две години општината врати 4,5 милиони евра од 50-милионскиот долг, што е за респект бидејќи прв пат се случува да биде подмирен значителен дел од долгот на општината, вели во новогодишното интервју за OhridNews градоначалникот на Охрид Д-р Никола Бакрачески. Во интервјуто тој одговара до каде се и кога ќе бидат реализирани ветените капитални проекти, изнесува видувања за проблемите во туризмот и развојните цели, како и за неповолната демографска состојба и трендот на иселување од градот наспроти најавите за влез на странски инвестиции во слободните економски зони.

-Што донесе 2014 година за Охрид од Вашата перспектива? На што бевте насочени во текот на изминативе 12 месеци? 

Бакрачески: Првенствено во 2014 година продолжија напорите за санирање на тешката финансиска состојба во општина Охрид која што е најголем товар кој што го носат службите во општина Охрид, од што секогаш се поаѓа пред да се прават нови планови за работа во наредната година на било кој сектор во локалната самоуправа. Од тие причини и во 2014 година продолжи нашата борба за репрограмирање на долговите, борба за стабилизирање на финансиската состојба, намалување на непродуктивните трошоци, зголемување на приходната стапка во буџетот, што не секогаш е популарна мерка.

Ние сме должни како одговорна власт да ја спроведуваме легислативата па и во делот на собирање на даноци, а од друга страна собирањето на даноци значително влијаат на подобрување на приходната стапка на буџетот и заедно со делот на намалување на непродуктивните трошоци и кратење на оние трошоци за кои сметавме дека не се приоритетни во ситуација во која што должите заедно со јавните претпријатија 50 000 000 евра и секако напорите кои што ги започнавме во 2013 година,а кои продолжија во 2014 година, за стабилизирање на финансиската состојба се основна појдовна точка за креирање на сите наши програми. Од тој аспект гледано, значи јас сум повеќе од задоволен, затоа што успеавме за помалце од 2 години да вратиме четири и пол милиони евра. Значи тоа е, ќе се согласите со мене, бројка која што е за респект. Односно висина на финансиски средства кои се за респект со оглед на тоа што за прв пат се случува во општина Охрид да бидат за толку краток период да бидат вратени долгови во висина од 4 и пол милиони евра во ситуација во која што по основ на извршни судски решенија и камати на извршни судски решенија долгот ви расте за 15 илјади евра дневно. Меѓутоа ние успеавме тоа да го направиме врз основа на преговарање со компаниите, врз основа на склучување на договори за репрограмирање на долгот, врз основа на дел од откажување од камати, некои во интерес на општината се откажаа од главнината на долгот и реков со една вкупна политика во која што ги скративме сите непродуктивни трошоци, ги скративме и оние трошења закои што сметавме дека во овој момент не се толку приоритетни успеавме да вратиме огромна сума на пари од тој долг и тој тренд продолжува понатака.

-Ветивте многу проекти во рамки на Вашата предизборна програма, колку од нив беа реализирани во текот на изминатава година?

Бакрачески:  Од она што е реализирано никогаш нема да кажам дека е доволно, ниту пак било кој друг ќе каже дека е доволно, никогаш не е доволно, меѓутоа како ние планиравме да реализираме некои наши проекти и зафати успеавме да ги надминеме во некои делови нашите очекувања. Во некои делови, можеби потфрливме и се надевам дека во 2015 година во сите тие делови каде што програмите беа запрени или не се реализирале, ќе продолжат односно ќе се реализират во 2015 година, или наредните две години. Реализиравме многу во делот на инфраструктурата која што за нас сеуште е приоритетна во градот Охрид. Значи јас сум задоволен од оние преку 30 500м2, асфалтирани улици кои што успеавме да ги реализираме во овие нецели 2 години. Значи почнувајќи од Радојца Новичиќ, Богомилска, Сирма Војвода, Крум Точков, дел од Јане Сандански, дел од АСНОМ, Карпош Војвода, го асфалтиравме задно со Владата патот од долно Лакочереј до горно Лакочереј, во должина од 3 и пол километри. Патот Вапила-Сирула којшто мошне е важен за развој, за руралниот развој на Охрид. Значи тука се секако осум мали улици или краци на Радојца Новичиќ, асфалтиравме осум улици во село Косел, понатака се асфалтираа две улици во село Пештани, уште две улици беа направени со бекатон. Се направи кејот во Пештани, се направи Малиот плоштад, го направивме плоштадот во Рача, плоштадот во Влашка Маала, сега веќе почнавме со реализација на еден од поубавите плоштади кој што ќе биде реализиран во почетокот на оваа година, тоа е плоштадот помеѓу Мини Маркет и Музичкото Училиште. Се направи нов резервоар за вода со капацитет од 100 м3 во Елшани, нова водоводна мрежа во должина од 2200 метри во Елшани. Се почна втора и трета фаза од канализациската мрежа во Лескоец, која е проект со вкупна вредност од милион евра. Ќе продолжиме со поставување на нова водоводна мрежа веднаш во село Лескоец. Се направи канализациона мрежа на крак од Стив Наумов. Претходно беа направени мрежи за отпадни води и атмосферска канализација на Крум Точков, направени пред да се асфалтира Крум Точков, исто беше со улица Петрино, каде што се постави нов тампон и нова подлога, се постави отпадна канализација за прв пат во таа населба. Значи отворавме нови градинки една во Лескоец, отворивме друга градинка во Велгошти, значи во посебни услови. Вложувавме многу во културата, го помогнавме нашиот најголем амбасадор во светот, значи тоа е Охридско лето. Организиравме голем број на други настани, го изградивме игралиштето на вештачка трева, што е еден од, можам и да кажам, најубавите терени на вештачка трева во Р. Македонија, инвестиција во вредност од 300 илјади евра, без која што не можете да замислите развој на спортски туризам, посебно во делот на фудбалот. Го направивме повеќенаменското игралиште во населба Лескајца, значи игралиште за кошарка, игралиште за деца со детски реквизити, направивме парк, во тој дел. Секако дека нашите инвестиции во делот на инфраструктурата во онаа базична инфраструктура, нема да застанат тука, Значи во овој момент ќе се работи на изградба на потпорни ѕидови во населба Кромидишта во Рача, на потпорни ѕидови во село Коњско, Значи сето тоа се и редица други проекти кои што произлегуваат од барањата на месното население. Значи ние постојано сме во комуникација со месното население кое искажува свои приоритети и ние се раководиме според она што тие сами кажале што е за нив приоритетно, да изградиме. Меѓутоа, јас пак ќе кажам ,ние не отстапуваме од големите капитални проекти и инвестиции.

-Постапката за изградба пазарот иако е започната се одолговлекува, бидејќи до сега ниту една фирма не пројави интерес за јавно приватно партнерство иако беа распишани два јавни повици. На што се должи ова и какви мерки ќе преземете за да го реализирате овој проект?

Бакрачески: Токму така, јас навистина жалам што ние многу напорно работевме на подготовка урбанистичко-планската документација, меѓутоа и на тендерската документација за објава на оглас за давање по пат на јавно приватно партнерство на Градскиот Пазар за кој што сметавме дека е најдобриот и најкорисниот начин за реализација на овој јавен проект. За жал во нашите напори да извлечеме што поголем бенефит за општината односно за Јавното Претпријатие Градски Пазар, односно да го заштитиме јавниот интерес на градот. Значи, сигурно дека тоа оди обратно пропорционално со приватниот партнер кој би влегол по пат на Јавно-приватно партнерство за реализација на овој пазар. И од тие причини во два наврати и покрај преговорите кои што ние постојано ги водевме со потенцијални инвеститори околу нивниот интерес за нивно влегување во една ваква инвестиција, пропаднаа двата повици, Јас се надевам дека сега третиот повик ќе биде успешен веќе мислам дека до крајот на годината ќе го објавиме по трет пат повикот за јавно приватно партнерство за изградба на затворен зелен пазар и се надевам според она што како интерес беше пројавено во преговорите со потенцијалните инвеститори, дека овој пат ќе биде успешно и дека конечно ќе почне изградбата на затворен зелен пазар.

-Што е со големите инфраструктурни проекти како што се Затворениот базен, Автобуската станица, Катната гаража, Домот за стари лица ќе бидат ли реализирани овие проекти и кога?

Бакрачески: Веќе е приготвена урбанистичко-планска документацијаза објавување на оглас за изградба на една катна гаража, блиску до пазарот во централното градско подрачје и тоа е една од нашите ветени капитални инвестиции. Тоа е една од катните гаражи за која што исто сметаме дека ќе најдеме инвеститор, меѓутоа катната гаража ќе се гради по пат на продажба. Стручните служби предвидоа дека не би имале голем бенефит од изградба на една катна гаража по пат на јавно приватно партнерство, по што пристапивме кон продажба на тоа земјиште и многу брзо ќе биде објавен огласот.

Што се однесува до покриениот пливачки базен, она што е суштина, за развој на спортот во Охрид, меѓутоа спорт по кој што Охрид бил препознатлив, односно спорт на вода, значи пливање, ватерполо, е она што ние по секоја цена мора да го започнеме и мора да го реализираме. Во овој момент се уште завршуваат постапките околу имотно-правниот спор за експропријација на земјиштето, која опфаќа дел од парцелата за изградба на затворениот пливачки базен, извршени се веќе некои геолошки испитувања на тлото односно на земјиштето, тие се веќе завршени, при крај е изготвувањето на архитектонско-градежниот проект, кој што е обврска на Агенцијата за спорт и млади и во текот на втората половина од 2015 г. ќе се објави тендер, односно мислам дека порано агенцијата ќе го објави тендерот уште во првата третина од 2015 година за во втората половина од 2015 година конечно да отпочне изградбата на затворениот пливачки базен.

За автобуската станица имавме подолг период на уредување на имотно – правните односи и изработка на урбанистичко-планска документација, значи донесен е детален урбанистички план за тоа место, подготвена е документацијата за продажба на земјиштето и се надевам дека веднаш после Нова Година, ќе оди оглас за продажба на земјиштето. Веќе имаме заинтересирани страни кои што пројавија интерес да го откупат земјиштето и изградат автобуска станица и ќе видиме доколку има можност да се изградат и други пропратни објекти, меѓутоа она што е насушна потреба е автобуската станица која што е првиот контакт на гостите со градот, каде што се добиваат и првите импресии за градот Охрид. Тој дел, јас сметам дека несомнено мора да биде убаво катче и мора на гостите да им го подариме најдобриот можен впечаток со изградба на една современа автобуска станица. Она што долго време Охрид го нема.

Секако една од капиталните инвестици кои што ги ветивме е изградбата на Дом за стари лица или пензионерски дом. Веќе ја завршивме урбанистичко-планската документација и во овој момент ги завршуваме сите оние мали датали за расчистување на имотно-правните односи и веднаш по тоа ќе одиме со објава за продажба на земјиштето во месноста Даљан некаде покрај самиот брег на Охридското Езеро.

До каде е проектот за иградба на пешачката патека до Горица?

Бакрачески: Тендерот за изградба на пешачката патека заврши пред две до три недели, избран е најповолен понудувач и кога ќе поминат сите законски рокови за жалба, ќе се потпише договор и веднаш по Нова година почнува реализацијата на современата пешачка патека која што сметам ќе биде еден од главните адути на охриѓани, бидејќи таму тие најмногу рекреираат и од тие причини сметавме дека трба да се изгради една таква патека која ќе биде со широчина од 12 метри, хортикултурно и партерно уредена и осветлена. Тендерот за 200 метри од патеката е завршен но ние во 2015 година се надеваме дека ќе имаме можност и финансиски средства да реализираме уште најмалку 400 метри и Охрид ќе добие променада покрај самиот брег.

Се објавија неколку огласи за изработка на идејни решенија за двата плоштади, булеварот Туристичка и кружните текови, кога овие проекти ќе бидат реализирани?

Бакрачески: На 4 јануари е крајниот рок кога завршува огласот за изработка на идејно решение на кејот, на двата плоштади, булеварот Туристичка и изгледот на кружните текови. За охриѓани е мошне важно овие решенија да одат со најдобра можна понуда на оглас, онака како што налагаат законските прописи и претпоставувам дека ќе се јават квалитетни понудувачи пред се од експертската јавност и дел од архитектурата и градежништвото, пред се луѓе кои го сакаат Охрид и  им е мошне значајно градот да ја добие вистинската димензија во делот на урбаното живеење и ќе ги отсликува традициите во делот на охридската архитектура и претпоставувам дека ќе добиеме квалитетни решенија. Е сега, веднаш после изработка на овие идејни решенија, откако ќе се избере најдоброто идејно решение, ќе пристапиме кон изработка на пресметка или главен проект или друг начин на кој што сметаме да добиеме проектна документација и врз основа на финансиските параметри кои што ќе го добиеме за цената на чинење на овие проекти, ќе пристапуваме кон нивна реализација. Со сигурност можам да кажам дека ќе ги изградиме тие пет кружни текови од кои што три со сопствени средства на локалната самоуправа и два повторно со сопствени средства, но ќе бидат добиени од кредит од Светска банка и тоа ќе бидат сите преостанати кружни текови. Почнувајќи од пресекот на ул. “Бистрица” со бул. “Туристичка”, “Абас Емин” со “Туристичка”, потоа “Македонски просветители” со “Туристичка”, “Јане Сандански” со “Туристичка” и “Стив Наумов” со “Туристичка”. Сметаме дека како главна артерија на градот Охрид по која што поминуваат најголем дел од туристите и влегуваат или излегуваат од градот булеварот “Туристичка” треба да добие современ изглед. Тоа е сепак скап проект. Ние не очекуваме дека цела “Туристичка” ќе ја реконструираме за една или две или три години, со оглед на тоа што се работи за голема инвестиција, но кажав дека со сигурност ќе ги изградиме петте кружни текови и дека ќе почнеме да рекоструираме дел од пешачките и велосипедските патеки на “Туристичка” онака како што ќе ни се понуди во идејното решение.

Секако дека кејот е во многу лоша состојба во овој момент и покрај тоа што е омилено место и за охриѓани и за туристите и најупотребувано за шетање, за рекреација, за забава покрај Охридскиот брег, меѓутоа во овој момент му треба сериозна реконструкција. Според идејните решенија и според пресметката којашто ќе ја добиеме ќе знаеме дали ќе можеме да ја почнеме реконструкцијата во 2015 година или во 2016 година, меѓутоа она што е сигурно е дека Охридскиот кеј мора да биде реконструиран и да добие современ изглед исто како што и плоштадите. Она што особено негодување кај граѓаните за кое ние мора да бидеме свесни и покрај тоа што ова се проекти не беа ветени во нашата програма, ние ќе ги реализираме. Реализацијата на овие проекти навистина  ќе го изменат изгледот на градот или да кажам  ќе внесат нов дух во изгледот на централното градско подрачје соодветно на традиционалната архитектура и стандардите за градење запазувајќи ги сите прописи од законот за градење, законот за урбанистичко и просторно планирање, за заштита на човековата околина и влијание на човековата околина и она што значи Охридска архитектура и традиција. Ние мора да се стремиме кон разубавување на градот со кое што ќе го направиме многу поатрактивен за туристите и за гостите и на некој начин ќе претставува зголемување на нашата туристичка понуда.

Што е со плановите во делот на туристичката инфраструктура кои беа најавени?

Бакрачески: Знаете дека за оваа година во текот на 2015 година ќе отпочне и изградба на една плажа со средства на Министерството за транспорт и врски, а тоа е плажата Лагадин, во должина од 500 м. Тоа ќе биде една од најсовремените плажи.Сигурно најсовремена изградена плажа во Охрид, која што претпоставувам дека ќе биде култно место за Охриѓани во текот на летната сезона. Во тек е изработка на идејниот проект за пешачката патека од пристаниште до Канео, а понатака од Канео по ридот према Лабино.

-Градоначалник го спомнавте кредитирањето како алатка за реализација на дел од инфраструктурните проекти со оглед на финансиската состојба на општината. Дали сето тоа може да го оптовари работењето на локалната самоуправа дополнително или сепак се работи за решение кое е најповолно во овој момент?

Бакрачески: За ова прашање провејуваат различни мислења и толкувања во јавноста во Охрид меѓутоа ние неколку пати се обидовме тоа да го објасниме започнувајќи од Советот на општина како највисоко законодавно тело во локалната самоуправа се до непосредни средби со граѓаните на Охрид. Значи кредитот кој што локалната самоуправа го добива од Светска банка е најдобар показател и најдобар доказ дека локалната самоуправа во изминатите две години водела адекватна финансиска политика и го заслужила она што значи добивање на таков кредит со таква поволна каматна стапка која нема да биде поголема од 2%. Ќе биде со грејс период од две години и рок на исплата 13 години. До сега ниту една општина во Македонија не добила таков кредит на таков долг период и со толку мала каматна стапка. Тоа е еден вид награда за напорите на локалната самоуправа за стабилното финансиско работење и покрај големиот долг кој што го наследивме од претходната власт. Ние средствата од овој кредит ќе ги употребиме за инфраструктурни проекти кои што му се насушно потребни на Охрид. Значи тоа се кружните текови, реконстукција на улицата Питу Гули, улицата Илија Смирчески во село Лескоец. Потоа патот Елешец – Елшани кој претставува есенција за зачувување и егзистенција на населението во Елшани. Тука влегуваат пет улички кои ќе бидат реконструирани во населбата Воска и Даљан заедно со атмосферската канализација. Понатаму тука сигурно ќе биде и реконструкцијата на улицата Ристо Чадо. Другиот дел од кредитот ќе го искористиме за реконструкција на Абас Емин една од главните артерии во градот која што во овој момент е можеби во најкатастрофална состојба. Значи тоа е кредит кој што ние го земаме за да што побрзо на граѓаните да им ги задоволиме основните животни потреби во делот на инфраструктурата. Дел од тој кредит ќе се искористи и за купување на најсовремени возила за комунална хигиена, значи тој тендер е веќе објавен и е во тек така што за брзо време тој ќе биде завршен и се надеваме дека ќе заврши успешно. Набавката на овие возила значително ќе ја подобри хигиената го градот, по она што Охрид е препознатлив и која што мора во иднина да ја негуваме и да ја подобруваме. Значи Светска банка како една од најсериозните меѓународни финансиски институции не може да Ви одобри кредит доколку не покажете на дело параметри за фискална стабилизација. Ние не го земаме кредитот за непродуктивни трошења или за репрезентации и луксузи туку за основни животни потреби на граѓаните на Охрид.

– Минатата сезона според официјалните бројки поголем е бројот на странските туристи, но домашните се повеќе не одминуваат. Во Скопје на прес конференција се обративте, како што кажавте, за да се спречи антикампањата која се водеше за Охрид. Дали сметате дека тоа се должи на некакви задни намери или пак ние самите сме виновни во одреден дел, со оглед на тоа што повеќе се оди на импровизација отколку на квалитет во однос на понудата?

Бакрачески: Јас имав прес конференција во Скопје и сакав еднаш за секогаш тоа што охриѓани го чувствуваат како граѓани меѓутоа и како експертска јавност дека понекогаш провејуваат тенденциозни написи во медиумите во Република Македонија со кои што се наштетува на текот на туристичката сезона во Охрид и тоа е општо мислење и генерално мислење на сите охриѓани и тоа е мислење кое провејува години наназад меѓутоа до сега никој не се одважил да проговори за тоа. Јас ја организирав таа прес конференција се со цел да ги замолам новинарите во Република Македонија да имаат еден покоректен однос за време на летната сезона или пред почетокто на летната сезона во Охрид и тоа го правам во име на градот Охрид и во името на охриѓани коишто навистина сметаат дека долги години наназад има тенденциозни написи кои наштетуваат на туристичката сезона во Охрид. Јас не навлегувам во причините за тоа но ќе кажам дека еден градоначалник мораше тоа да го проговори отворено во дебата со медиумите по цена јас во иднина да бидам мета на напади на таквите медиуми и тоа јас го направив и сметам дека успеав, ако не друго ја подигнав свеста на македонското население дека не секогаш оние написи кои се со негативна содржина за Охрид коресподираат со ралноста и со вистината, без разлика дали тоа ќе се одрази по личноста Никола Бакрачески или институцијата градоначалник. Мене пред се ми е важен интересот на Охрид и на охриѓани и јас бев свесен за тоа и затоа отидов што би се рекло со спортски жаргон на нивни терен да проговориме отворено со сите новинари и со сите фактори во медиумскиот простор во Македонија за нешто што ги ги тишти охриѓани. Охриѓани постојано сметаат дека некој постојано пушта таканречени новинарски патки за време на сезоната или во сезона кои му штетат на Охрид. Јас затоа отидов таму да ги замолам за коректниот однос.

– Во текот на летната туристичка сезона години наназад се провлекуваа серизони проблеми. Какви мерки презедовте за надминување на оваа состојба?

Бакрачески: Сигурно е дека ние имаме мани во туристичката понуда или во организација на туристичката сезона во Охрид и сигурно имаме слабости и на тие слабости ние мора да работиме и да ги надминеме. За таа цел како еден од начините да допреме до она што значи наша слабост и како охриѓани и како локална самоуправа и инстиуции беше организирана анкета меѓу гостите и туристите во Охрид кои ја направија заеднички Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и Секторот за туризам и локален економски развој при локалната самоуправа. Врз основа на таа анкета откако статистички ги обработивме податците ги презентиравме пред сите оние фактори во туризмот во Охрид, како што се туристички агенции, туроператори, хотелиери, ресторани и угостителски работници во кои што ние се обидовме да им го доловиме размислувањето на гостите за она што не чини во Охрид или што е слабост на Охрид и се надеваме дека низ една отворена дебата и комуникација со сите субјекти ќе успееме од година во година да ги надминуваме нашите слабости. Јас она што конкретно можам да кажам дека гостите забележуваат на квалитетот на услугите, а помал дел од нив забележуваат на изгледот или опременоста на сместувачките капацитети, било да од мал или голем обем. Ни треба едукација ни требаат менаџери во туризам, луѓе кои што ќе бидат обучени во странски држави кои покажуваат видни резултати во туризмот како што е една Хрватска како што е Црна Гора, Турција . Меѓутоа таа едукација мора да биде проследена со практична настава.

-Што е со делот на промоцијата на Охрид, што се направи во тој дел во текот на изминатата година?

Бакрачески: Јас сметам, јас не сум експерт за туризам меѓутоа согледувајќи го она што ние го гледаме како статистичка обработка на податоци и анкети сметам дека ни треба и маркетинг, поорганизиран маркетинг. Се уште маркетингот во туризмот ние слаба алка по мене. Можеби грешам но сметам дека недоволно маркетиншки е продадена приказната на Охрид надвор од Република Македонија. Мислам дека треба да работиме засилено на маркетингот и она што локалната самоуправа поаѓајќи од тие анкети, поаѓајќи од тие експертски мислења го прави е засилување и интезивирање на маркетингот и некоја нова стратегија во презентација на туристичката понуда на Охрид и неговото природно и културно наследство. Ние сметаме дека е многу покорисно Охрид да го презентираме пред професионалната јавност како што се туроператори, туристички агенции или хотелиери и кога би организирале такви настани од типот промотивните настани кои ние ги организиравме во Советот на Европа во Стразбур и она што ние го направивме во Прага, каде што заеднички со туристичкиот еснаф од Охрид имавме одлични презентации и на охридското природно и културно наследство и на охридската храна. Исто така имавме успешна презентација на охридското културно и природно наследство во Кина пред неколку недели каде што наша делегација успеа да направи сериозни контакти со Бирото за развој на туризам со збратимениот град Далијан кој има популција од 7 милиони жители и со кој што начелно договоривме идна соработка. Сметам дека треба да се продолжи и понатаму да се учествува на саеми за туризам меѓутоа ефектот кој што ние го добиваваме од учеството на саеми е многу мал и минорен, бидејќи ние не сме толку финансиски моќни како некои други туристички земји, кои на тие саеми настапуваат со штандови од неколку стотини квадратни метри и кои што делуваат импозантно на публиката и на посетителите. Сметаме дека директното насочување на маркетингот кон таргетирани држави онаму каде што сметаме дека охридската приказна е интересна, ќе вроди многу поголем плод.

-Какви други конкретни планови има општината за развој на туризмот?

Во иднина планираме да организираме презентација на Охрид во Израел, Норвешка, во Англија. Исто така планирани се презентации и во неколку градови во Босна и Херцеговина и Србија, во Бугарија и сметаме дека тие ќе вродат со плод. Се надевам дека поголем број на странски гости ќе донесат и заложбите на Владата на Република Македонија во делот на субвенционирање на аранжманите на оние туристи кои што доаѓаат со авио летови и она што ние заедно со Владата го правиме, а тоа е субвенционирањето на авио летовите. Веќе тече огласот за субвенционирање на авио летови кон охридскиот аеродорм од аеродорми во Западна Европа и тоа е еден дел од нашата стратегија за привлекување на што поголем број на туристи. Се надевам дека оваа година ќе имаме можност да воспоставиме две дестинации, а се надевам и во иднина дека би се отвориле можности за повеќе дестинации.

-Неколку години наназад Охрид се наоѓа на првото место во Македонија според бројот на иселени лица. Статистичките податоци за одлив на мозоци и воопшто заминување на охриѓани од родниот град се поразителни. Во последните години во просек од градот годишно се отселуваат меѓу 800 и 1000 жители. Доказ за тоа се и празните улици, ресторани, опаднат промет во трговските објекти. Се почестите коментари на охриѓани се дека Охрид се претвара во град на пензионери, дека изумира. Што прави локалната самоуправа за запирање на ваквиот тренд?

Бакрачески: Да бидам искрен не располагам со релевантни извори од каде што би добил статистички податоци за трендот на иселување. Јас можам да претпоставам дека е така. Можеби впечатокот дека улиците во Охрид надвор од сезона се попразни наведува на тоа дека има значително иселување на населнието од Охрид меѓутоа тоа е нешто што влече подлабоки корени наназад. Вие знете дека според еден податок кој го добив од Стопанска комора на Република Македонија во 1984 година во Охрид имало 21.000 вработени луѓе во индустрија и стопанство. Знаете што му се случи на охридското стопанство после распадот на поранешна Југославија и осоамостојувањето на Република Македонија, дека буквално пропаднаа речиси сите стопански капацитети. Ако препоставите дека толку луѓе наоѓале егзистенција во таквите стопански капацитети може да препоставите дека голем дел од нив кога останале без работа својата среќа и егзистенција ја побарале надвор од Охрид. Затоа ќе речам дека иселувањето влече корени од многу одамна. Основниот мотив луѓето да останат во Охрид покрај чувствата за роден град е можноста за егзистенција. Од тие причини високо на мојата агенда и на агендата на Владата на Република Македонија со која што постојано се координаираме, претставува можнста за подигање на економскот раст во градот, а тоа единствено може да се случи преку реализаиција на инвестиции во делот на стопанството и во делот на лесната и незагадувачка индустрија заедно со инвестиции во туризмот.

Ние сме попосветени од било кои претходници пред нас во создавање на услови за градење на хотели и отворање на нови работни места преку инвестирање во стопански капацитети. Нашите напори полека вродуваат со плод, а тоа е евидентно веќе. Во делот на хотелиерството веќе почна да се гради луксузниот хотел од ланецот на Small luxury hotels, тоа е прв луксузен хотел кој ќе биде израден во градот Охрид. Тој тренд ќе го следат и други хотели како што е хотелот на Фибула, а со продажбата на земјиштето кај поранешната Детска болница ќе се створат услови за изградба на уште еден хотел.

Евидентно е дека прв пат по 20 години една странска компанија влегува во Охрид, а тоа е ОДВ Електрик. Оваа компанија веќе има вработенo неколку десетици охриѓани. Според она што го договаравме со ОДВ Електрик тие во наредниот период треба да вработаат 800 луѓе по изградба на објект во технолошко индустриската равојна зона Охрид – Струга. Исто така гигантот во автомобилската индустрија „Костел“ ќе гради во оваа индустриска зона и има намера да вработи 1000 луѓе. Во овој момент се отвара патот и за други две компании од Европската Унија кои се силно заинтересирани за рестартирање на производството во делот на далноводи и делот на трансформатори во ЕМО. Јас претпоставувам дека барем една од овие компании конечно ќе влезе во ЕМО и ќе вработи неколку стотини луѓе.

– Ова прашање е поврзано и со претходното. Има најави за инвестиции со кои ќе се овозможат нови вработувања од околу 1500 луѓе. Се поизвесно е дека нашите сограѓани во новоотворените погони ќе имаат можност да заработуваат плата во висина на минимално утврдената. Тоа повторно не е доволно да ги задржиме нашите луѓе во градот, од едноставна причина што и со тие плати едвај би егзистирале. А каде се тука високообразованите кадри кои сметаат дека заслужуваат подобар живот и секојдневно заминуваат да работаат како лекари, инженери во Германија, Словенија или во другите европски држави?

Бакрачески: Можеби висината на платите кои што ги добиваат или кои најавија дека ќе ги добиваат работниците во овие стопански капацитети се мали и можеби недоволни за еден нормален живот на младите луѓе или сите оние кои ќе бидат вработени, меѓутоа е сепак многу повеќе од ништо и секако дека неспоредливо е разликата помеѓу млад човек кој не може да најде работа и не заработува ништо или наоѓа работа и работи за плата за која што можеби не е голема но создава некои појдовни основи за опстанок или егзистенција во градот Охрид. Јас навистина не можам да се мешам во политиката на менаџментот ниту пак можам на било кој начин да влијаам на нивната одлука како тие ќе менаџираат со делот на надоместокот на плати. Претпоставувам дека и една од причините поради која еден странски инвеститор би дошол во Македонија покрај сите оние услови и погодности кои ги прави Владата во делот на даноци секако е и висината на платите односно цената на чинење на работниот труд. Тоа веројатно е и еден од поголемите мотиви да дојдат странски инвеститори кај нас. Инаку доколку ние би имале работна рака колку во Германија или во Англија тогаш зошто би дошле во Македонија. Но сметам дека како ќе растат странските инвестиции и ќе се отвараат повеќе капацитети, така ќе расте и цената на трудот.

-Кои се вашите желби за Нова година и што ќе им порачате на охриѓани?

Бакрачески: Секако дека моите новогодишни желби се поврзани со просперитетот на градот и среќата на охриѓани. Охрид е град кој заслужува просперитена иднина. Охрид е град кој што со својата историја, со своето богато природно и културно наследство и сето она што Охрид го нуди, заслужува да го добие своето место како позната светска туристичка дестинација. Исто така заслужува да добие и поголемо внимание кај странските инвеститори во делот на отварање на нови работни места. Јас посакувам во 2015 година да ги реализираме сите оние планови пред се во сферата на странските инвестиции како што се ОДВ Електрик, Костел и барем уште една инвестиција од европските држави со кои што ќе отвориме нови работни места. Посакувам да се реализираат инвестициите во делот на хотелиерството и со тоа да се е создадат услови за нови вработувања и да се привлечат што поголем број на странски гости. Би сакал да видам масовно посетување на Охрид во текот на целата година, а не само во текот на летото. Се надевам дека она што ние го правиме ќе вроди со плод и се повеќе и повеќе странски гости ќе доаѓаат во Охрид. Секако би сакал Охрид да просперира и во делот на културата, би сакал да го видам Охрид на листата на градови со развиен спорт, би сакал да видам еден поуреден, еден почист Охрид, хортикултурно и партерно уреден. Би сакал конечно да отпочеме со реализација на капиталните инвестиции кои ги најавивме и секако би сакал да видам насмевка конечно на лицата на охриѓани и би сакал да ги видам преполни улиците во Охрид. Би сакал луѓето да ги вратат оние традицонални вредности на маалско живеење, на дружење, забавување, што подобра комуникација меѓу нив и секако тоа ќе вроди со еден општ позитивен пристап кон изградбата на градот Охрид во кој ќе се вклучуваат се поголем број на охриѓани и сите заедно ќе целиме кон подобра иднина на градот.

OhridNews
фото: „Мега продукција“