Новото крило во ЈЗУ Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ се очекува да биде ставено во употреба до Нова година. Инвестицијата ќе надмине два милиони евра, a избрана е и фирмата која ќе ги заврши градежните работи. Со ова ќе се подобрат услови за пациентите и болницата „Св. Еразмо“ се очекува да прерасне во регионален центар за ортопедија и неврохирургија.

Тука сум да го означиме почетокот на крајот, крајот на голготата која трае 10 години, бидејќи овој објект е прекинат со градба во 2016 година. Охридско-струшкото здравство како регион е на нивото во повеќе области и над нивото што го држат клинички болници во други региони. Избран е добавувач кој треба да ги заврши градежните работи, постапките за набавка на опрема дел се во тек, дел ќе бидат обновени и јас еве би си ставил рок до Нова година новото крило, или тоа е цела нова болница, да биде ставена во употреба. Од една ипол сала во која се работи моментално, „Свети Еразмо“ ќе добие четири современи операциони сали. Бидејќи го гледаме стручниот капацитет тука и севкупниот капацитет, јас можам да дадам збор како министер за здравство дека ќе работиме понатаму на подигање на стандардите и внесување нови содржини, рече Клековски.
Министерот потенцираше дека за само две години постигнато е 40 проценти зголемување на бројот на интервенции на колкови, а болницата „Свети Еразмо“ е веќе во кругот на трите најзначајни куќи каде што се вршат вакви интервенции, заедно со Клиничкиот центар во Скопје и ГОБ „8ми Септември“.

Се работи за еден огромен инвестициски циклус и довршување на заглавен проект во изминатите десетина години и пуштање во употреба на сосема нови операциони сали, комплетно опремени со нова опрема, со што ќе придонесеме за значително подобрување на болничкиот стандард, условите за работа на колегите, подобрување на самото лекување и ќе се потрудиме, меѓу другото, да станеме една можеби најреферентна институција од областа на ортопедијата и неврохирургијата. Вака како што го градиме патот, прво стручно, па потоа сега со заложби на Владата, со ваква поддршка каква што имаме, да станеме еден референтен центар во ортопедијата и во неврохирургијата.
Додаде дека благодарение на овој огромен инвестициски циклус којшто го наметнува Владата на Република Македонија, премиерот, министерот, горди се што после педесетина години може да наметнуваат нови стандарди во медицината.
Станува збор за инвестициски циклус, кој не е само инфраструктурно подготвување на објектот, туку и монтажа на нова опрема, што веќе дел е започнато, дел продолжува и очекуваме наредниве месеци да завршиме со тој циклус и да имаме еден прекрасен здравствен објект, ултрамодерен, што ќе ги задоволува потребите покрај на пациентите во Републикава, и на пациентите од регионите, од соседните држави, на пациенти кои гравитираат заради нашата патологија во нашава институција. И со тоа мислам да станеме еден поширок регионален центар од областиве на медицината коишто ги покриваме, потенцираше Шокаровски.
Беше најавено дека ќе се работи на подобрување на условите не само во болницата „Св. Еразмо“, туку и во другите здравствени установи во охридско-струшкиот регион.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска
















