На 12-ти септември, од 19:00 до 23:00 часот, улицата „Цар Самоил“ и стариот Охрид стануваат една голема отворена сцена на културата. Организаторите најавуваат културна маршрута низ музеи, галерии, ателјеа, стари занаети, изложби, вино, поезија и музика – содржини на 12 локации.

Во рамки на програмата опфатени се презентација на филигранскиот занает, техниката и процесот на изработка, посета на музејот и запознавање со животот и делото на А. ден Долаард,  дегустација на вино, изложба „Охрид – свето таинство“ од Зоран Летра, „Охрид низ фотографии“ – визуелно патување низ Охрид и неговите приказни, „Уште една средба со светлината“ од Јордан Манасијески во организација на Галерија „Букефал“, презентација на ликот и делото на Христо Узунов, поставка и „Писмата на Христо Узунов“ со Михаил Патчев, демонстрација на процесот, машините и техниките на изработка на стара хартија, охридската резбарска традиција – материјали, процес на работа и изложба на рачно изработени дела, презентација на винскиот подрум и дегустација на вино од Винарија „Охрид“, инструментална староградска музика со ВИС „Билјана“, традицијата, историјата и процесот на изработка на охридскиот бисер, изложба на дела од Охридската ликовна колонија 2026, како и оперско-инструментален перформанс со Исабела Димовска – мецосопран и Искра Атанасова-Митуш – пијано.

Една вечер во која музеите, старите куќи, ателјеата, занаетите и уметноста излегуваат на улица, а градот станува музеј, потенцираат.

Настаните ќе се одржат во периодот од 19:00 до 23:00 часот на улицата „Цар Самоил“ и охридскиот Стар град.

OhridNews