Во тек е доопремувањето на Едукативниот центар кој ќе функционира во рамки на Деловно- информативнот центар на Националниот парк Галичица. Станува збор за проект кој се реализира во соработка со експерти од рускиот Центар за национални паркови “Заповедникс”, а финансиран од германската KFW банка.


Како што најавуваат руските експерти, Едукативниот центар ќе биде современо опремен, каде посетителите ќе имаат можност да добијат првични информации за националниот парк.

Идејата на нашата проектна група, која го замисли целиот концепт е на интересен начин на посетителите да им се објаснат природните убавини на Галичица, богатството од флора и фауна. Во центарот ќе биде поставена релјефна макета на која ќе се прикажува територијата на која се протега паркот. Ќе има и информативни табли, ќе се вршат видео презентации, ќе се изложат голем број експонати, а ќе има и детско катче, обајснува Наталија Ботурина од рускиот Центар за национални паркови.


Според неа, националниот парк  располага со добра инфраструктура и прекрасна природна убавина, но треба малку да се поработи на поголемата промоција со цел привлекување на што поголем број посетители.
 
Центарот за посетители ќе служи и како можност за поголема едукација и на најмладите кои во рамки на наставните содржини во училиштата ќе имаат можност да го посетат центарот.


Крајно време беше НП Галичица да покаже со што се располага. Станува збор за еден од најубавите паркови во регионот и пошироко. И охриѓани, а и посетителите многу малку се запознаени со тоа дека паркот има 1100 тревни растенија , 176 дрвенести растенија, 56 видови цицачи и 260 видови птици. Ова ќе биде современо опремен центар, кој преку напредни методи во голема мера ќе влијае врз едукацијата како на најмладите, така и на останатите посетители, вели Тони Симоноски, професор по географија и магистер за Туристичката валоризација на НП Галичица.


Опремувањето на Едукативниот центар се очекува да биде завршено кон крајот на годината и на почетокот од идната се најавува негово свечено отворање за посетителите.

OhridNews