Во тек е доопремувањето на Едукативниот центар кој ќе функционира во рамки на Деловно- информативнот центар на Националниот парк Галичица. Станува збор за проект кој се реализира во соработка со експерти од рускиот Центар за национални паркови “Заповедникс”, а финансиран од германската KFW банка.


Како што најавуваат руските експерти, Едукативниот центар ќе биде современо опремен, каде посетителите ќе имаат можност да добијат првични информации за националниот парк.

– Идејата на нашата проектна група, која го замисли целиот концепт е на интересен начин на посетителите да им се објаснат природните убавини на Галичица, богатството од флора и фауна. Во центарот ќе биде поставена релјефна макета на која ќе се прикажува територијата на која се протега паркот. Ќе има и информативни табли, ќе се вршат видео презентации, ќе се изложат голем број експонати, а ќе има и детско катче, обајснува Наталија Ботурина од рускиот Центар за национални паркови.


Според неа, националниот парк  располага со добра инфраструктура и прекрасна природна убавина, но треба малку да се поработи на поголемата промоција со цел привлекување на што поголем број посетители.
 
Центарот за посетители ќе служи и како можност за поголема едукација и на најмладите кои во рамки на наставните содржини во училиштата ќе имаат можност да го посетат центарот.


– Крајно време беше НП Галичица да покаже со што се располага. Станува збор за еден од најубавите паркови во регионот и пошироко. И охриѓани, а и посетителите многу малку се запознаени со тоа дека паркот има 1100 тревни растенија , 176 дрвенести растенија, 56 видови цицачи и 260 видови птици. Ова ќе биде современо опремен центар, кој преку напредни методи во голема мера ќе влијае врз едукацијата како на најмладите, така и на останатите посетители, вели Тони Симоноски, професор по географија и магистер за Туристичката валоризација на НП Галичица.


Опремувањето на Едукативниот центар се очекува да биде завршено кон крајот на годината и на почетокот од идната се најавува негово свечено отворање за посетителите.

OhridNews