НУ Библиотека „Григор Прличев“ со Прличевата визита која се одржа вчера достојно му се оддолжи на патронот. Настанот со поздравна реч го отвори директорката на Библиотеката Христина Трпеска која потсети дека чествувањето на најистакнатиот деец на 19 век, преродбеник и ловороносец Прличев почнува во далечната 1952 година кога на 27 јануари Советот за просвета, наука и култура од Охрид одржал советување со раководителите на претпријатија, установи, просветни работници и граѓани на Охрид, по повод одбележувањето на 59 годишнината од смртта на Григор Прличев.
Свечената вечер се одржала на 7 февруари 1952 година во 19 часот, во салата на тогашниот Градскиот народен театар кој се наоѓал во денешниот простор помеѓу НУ Библиотека „Григор Прличев“ и куќата на поранешниот градоначалник на Охрид, Анастас Чорбев. Следната, јубилејната 1953 г. на 60 годишнина од смртта на патронот на Библиотеката официјално се смета за почеток на традиционалната културна манифестација „Прличеви беседи“, рече Трпеска.
Воедно, потенцираше дека минатата година била плодна за НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид и дека биле реализирани над 30 проекти како дел од Годишната програма за работа финансирана од страна на Министерството за култура и туризам, посочувајќи го главниот проект и настан- враќањето на Пчињското евангелие кое датира од крајот на 16 век во Библиотеката.
Евангелието сега е во нашиот трезор, а веќе е готова и репликата – копијата која наскоро на соодветен начин ќе биде како поставка достапна за јавноста. По втор пат лани станавме добитници на наградата „Јаков од Камена Река“ за најиздавачи на ниво на Македонија. Библиотеката за оваа 2026 година во Министерството за култура и туризам конкурираше со рекордни 45 нови проекти во библиотечната, издавачката и меѓународната дејност, фестивалите, секторот за инвестиции и за првпат во секторот за евроинтеграции. За првпат годинава влегуваме во редот на институциите од културата кои имаат делигиран буџет. Сами ќе треба домаќински да ги распределиме средствата за проектите кои ќе сметаме дека ни се приоритет за реализација и ќе донесат ново културно и книжевно раздвижување кај нас. Наскоро ќе биде готова и реновираната Прличева одаја со нов лик и содржини, подготвена да ги прими пред се’ роднокрајните писатели, но и нивните македонски колеги и соработници од регионот, кажа Трпеска.
Во чест на 133 годишнината од смртта на Прличев – Вториот Хомер премиерно беше прикажан документарниот филм „По стапките на Прличев“ по сценарио и режија на м-р Милчо Јованоски, вработен во Библиотеката. Снимањето на филмот го помогна Општина Охрид а за потребите на Библиотеката филмот го продуцираше LOVE & LIFE STUDIO од Охрид.
Одамна во мене тлееше желбата за Прличев да се направи посебен документарен филм токму во рамките на нашата Библиотека. Во филмот со свои искажувања за Прличев и неговиот живот и дело зборуваат 11 еминентни професори, доктори на науки, слависти и македонисти и историчари. Тие фрлаат нова зрак светлина врз неговата преродбенска, книжевна и национална вредност актуелна во неговиот XIX век. Би ги набројал и во оваа пригода посебно им благодарам за инспиративните искажувања на д-р Кристина Николовска, д-р Димитар Пандев, д-р Елизабета Шелева, д-р Лилјана Гушевска, д-р Анастасија Ѓурчинова, д-р Александра Ѓуркова, д-р Искра Тасевска Хаџи Бошкова, странците – македонисти д-р Ала Шешкен и Маќеј Кафка, како и магистер Горан Митрески и Христина Трпеска. Во филмот се поместени и сеќавања на Кирил Прличев, синот на Григор Прличев – поетот, рече Јованоски.
Документарецот, потенцираше, се занимава со духовната врска меѓу Прличев и Свети Климента, неговите славни беседи пред охриѓани кај црквата Богородица Перивлепта, со неговото познавање на италијанскиот јазик и преведувањето.
Соговорниците се осврнуваат и на длабочината на неговите дела Сердарот и Автобиографијата, но и на неговото трагање по сопствениот идентитет и конечното осознавање, откако тој ќе биде свесно отфрлен и од Грците и од Бугарите и се враќа во својата таткојна Охрид, додаде Јованоски.



Има мисли што се кажуваат и има мисли што се врежуваат. Има зборови што минуваат низ времето, и зборовги што времето го минуваат.Мислата на Григор Прличев „По песната птиците се разликуваат“ припаѓа на втората категорија. Таа не е само кажана, таа е осмислена, проживеана и оставена како морален аманет. Во оваа кратка, но длабока реченица, Прличев не ја сместил само својата поетска дарба, туку и својата животна филозофија. Тоа е мисла што не ја мери вредноста по формата, туку по суштината, не по изгледот, туку по содржината, не по гласноста, туку по смислата, стои во наградената беседа, рече Дурнева честитајќи му на организаторот на конкурсот и на сите млади автори кои преку беседите го чуваат споменот за Прличев жив.

OhridNews
















