Од 20 до 24 септември во Блед, Словенија, ќе се одржи завршната манифестација на доделување на наградата “ЖИВА” за најдобар музеј. Годинава за оваа престижна награда се номинирани 23 музејски институции од 13 европски земји, а НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, како единствен кандидат од нашата земја е и единствена помеѓу сите номинирани институции која подеднакво се бави и со заштитна и со музејска дејност.

На главната церемонија на доделување на наградите ќе ѝ претходат презентација на институциите учеснички и мини базар за размена на промотивни материјали и публикации, како и за меѓусебно запознавање на претставниците на 23-те институции.

– За таа цел уште во месец април во Охрид престојуваа судиите Билјана Брајовиќ од Црна Гора и Катја Џумалиева од Бугарија кои извршија увид и оцена на капацитетите, вредностите, значењето, богатството и разновидноста на нашите музејски збирки и воопшто севкупното работење на НУ Завод и Музеј-Охрид на полето на чувањето, документацијата, заштитата и конзервацијата и, секако, презентацијата на огромниот фонд недвижно и движно културно наследство што ни е доверено на чување за идните поколенија. – велaт oд Завод и Музеј Охрид.

Инаку, Форумот на Словенските Култури (ФСК), кој ја доделува наградата е непрофитна организација основана во 2004 Година во Љубљана. На иницијатива на експертскиот тим на земјите членки на Форумот (Белорусија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Чешка Република, Хрватска, Македонија, Полска, Русија, Словенија, Словачка и Србија) во 2012 година е востановена наградата “ЖИВА”, а натпреварувањето е во шест категории.

Со своето учество, земјите членки на ФСК ги промовираат исклучителните достигнувања на полето на културните вредности истакнувајќи го при тоа значајното културно наследство на словенските земји.

Самата награда е наречена “ЖИВА” според словенската божица на плодноста, чиј главен атрибут е житото, па и изгледот на оваа посебна награда е инспириран токму од класовите жито.

OhridNews