Министерот за внатрешни работи на Република Македонија поради чувство на морална одговорност по вчерашните настани најави дека ќе понуди оставка. Ќе побара одговорност од Директорот на бирото за јавна безбедност Митко Чавков и од други раководни лица.
„Јас како министер во името на целото министерство ги осудувам вчерашните настани и веднаш сакам да ве известам дека дел од структурите не си ја завршија работата за што ќе има одговорност. Јас инсистирав да се формира Оперативен штаб уште на почетокот на протестите и тој штаб беше формиран. Во него се вклучени лица од министерството од сите области. Оперативниот штаб имаше формирано планови за три претпоставени ситуации – кога ќе бидат протестите мирни, кога ќе се бира претседател на Собранието и кога ќе се бира Влада. За раководител беше избран Митко Чавков. Сакам да ја известам јавноста дека вчера од моментот на ескалација на ситуацијата се до 20 часот, раководителот на штабот, Чавков не беше достапен за мене, иако го барав и телефонски и лично. Сакам да потенцирам дека, за жал во МВР политичкото влијание има голема улога што е за секаква осуда. Дел од МВР наместо да ги почитуваат законите постапуваат по наредба на политичките центри и мора да биде санкционирано. Ќе бараме одговроност од сите, вклучувајќи ги и членовите и раководството на Оперативниот штаб. МВР мора да го гарантира јавниот ред и мир“, рече Нухиу.