Многу прашања отвори фејсбук статусот на заменик министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, кој синоќа на својот личен профил напиша дека симболично на 8-ми Март, за прв пат МВР постави шест Албанки за портпароли. Меѓу другото тој информираше дека извесна Мерлина Ислами ќе биде портпаролка во СВР Охрид.
Како што дознава OhridNews, ваквата објава била примена со изненадување во СВР Охрид, каде десет години портпаролската функција ја извршува Стефан Димовски, дотолку повеќе што до секторот кој ги опфаќа општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Дебрца и Кичево, не пристигнала одлука или решение на МВР за негово разрешување, промени во одделението за односи со јавност, или, пак, поставување на Мерлина Ислами за портпаролка.
Објававата на Фејсбук на Нухиу внесе забуна како во полицијата, така и во јавноста. Според полициски извори истата во најмала рака е дискутабилна и спротивна на правилникот за работа на МВР, според кој, ниту еден полициски службеник, или функционер, без оглед на позицијата на која се наоѓа, не смее да изнесува службени информации или да објавува било какви одлуки на МВР на социјалните медиуми.
Дали се работи за одлука, грешка, забуна, политички маркетинг или можеби најава за проширување на одделенијата за односи со јавност со заменици портпароли, засега останува отворено прашање. Ќе следи ли објаснување од заменик министерот или МВР останува да се види, исто и како тоа дали евентуално ќе биде покрената некаква постапка за одговорност доколку се утврди дека биле прекршени правилата на службата со осмомартовската објава на Нухиу на социјалните медиуми.
Г.М.












