Брза разврска на политичката криза и јасна насока за одржувањето на слободни и фер избори, ова се очекувањата на американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд, која во понеделникот во Скопје оствари низа средби со политичките лидери, потоа со тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева и претставниците на невладиниот сектор и на медиумите, пренесува „Макфакс“.
„САД се горди поради тоа што заедно со ЕУ работевме со сите политички сили за да се надмине политичката криза, што резултираше со Договорот од Пржино. Имаше некаков напредок во имплементацијата на Договорот, но сега е време да се заврши работата и Македонија да се постави на насока кон слободни и фер избори. Главните партии веќе некое време преговараат за тоа како да се дојде до избори, денес се сретнав со сите четворица партиски лидери и морам да кажам дека Скопје го напуштам охрабрена од тоа што го слушнав, а тоа е дека во следните неколку денови преговарачките тимови ќе се согласат околку идеите кои се предложени и ќе се постави насока кон изборите. За ова ќе треба политичка волја од сите страни и сметам дека таа волја е присутна“, порача американскиот дипломат.
Нуланд додаде дека една од целите за време на нејзината посета на Македонија била и да се даде поддршка за засилувањето на правдата и владеењето на правото во земјата.
„Разговарав со преставници на невладинискиот сектор и медиумите, за да ги охрабрам во тоа што го прават, а се сретнав со госпоѓата Јанева и нејзиниот тим. Нејзината работа е од витално значење за да се донесе вистинско владеење на правдата, одговорност и прочистен судски систем, нешто што е неопходно за Македонија да ги оствари своите евро и евроатлански цели – да биде членка на ЕУ и НАТО, нешто што САД силно го поддржуваат“, изјави Нуланд.
Запрашана дали САД ќе инсистираат и на тоа да се формира специјален суд, таа одговори дека на маса се ставени повеќе идеи, но дека она што е сега важно е самиот судски систем да биде, како што вели, „прочистен, одговорен и ефективен“.
„Ја поддржуваме работата на СЈО, а во поглед на дополнителните структури за поддршка постојат многу идеи, но она што е важно е системот да биде прочистен, одговорен и ефективен. Ова е процес, веројатно сите сакавме тој да се движи побрзо, имаше напорна работа за да се одреди датум за избори и да се имплементира договореното од Пржинскиот договор, сакавме да дадеме поддршка кон ова и ќе бидеме со вас се додека не се постигне договор, а се надевам дека тоа ќе е наскоро“, рече Нуланд, додавајќи дека САД не размислуваат околу евентуални санкции кон земјата, туку само кон нови идеи кои што би придонеле за излез од политичката криза.
OhridNews
извор: „Макфакс“