Тим од дваесетина македонски нуркачи предводени од спелеонуркачкиот клуб „Врело” денеска реализираа акција за чистење на Охридското Езеро од отпад, со што Македонија се приклучи кон Првата синхронизирана глобална подводна акција за чистење на водите во светот.


Во акцијата GUWAA” (Global Under Water Awareness Association) учествуваа и нуркачкиот центар „Амфора”, клубот за подводни дејности „Охрид”, „Норкач” од Струга, „Канео” од Битола и Сојузот на подводни активности на Македонија.  Тие за неколку часа на градскиот кеј  извадија околу стотина килограми цврст отпад од Охридското Езеро. Оттаму беа извадени гуми, пластични шишиња, лименки од пијалоци, тенџериња и многу крупен и ситен пластичен и метален отпад.


– Им благодарам на сите нуркачи кои се вклучија во оваа акција и на сите волонтери кои овозможија да се реализира овој голем настан. Заедно успеавме да ја реализираме зацртаната цел, а тоа е промовирање на систематско и организирано чистење на водите во светот, како и подигнување на свеста и едуцирање на пошироката јавност, посебно младите генерации, за важноста на зачувување на животната средина – изјави Киро Ангелески, претседател на „Врело”. 


Од нуркачкиот центар Амфора, кој во минатото има организирано повеќе вакви акции, велат дека целта на ваквите активности е да се влијае на свеста на граѓаните и посетителите за зачувување на животната средина.

-Во текот на нашите акции изминатите години извадени се повеќе тони најразличен отпад од Езерото. Ние и натаму ќе продолжиме со акции за чистење на Охридското Езеро и упатувам порака до граѓаните на Охрид, но и до посетителите, да не фрлаат отпадоци во езерото, да го чуваат и да уживаат во него, истакна Васко Николоски од Нуркачкиот центар „Амфора“.


Во глобалната акција покрај македонските води, синхронизирано се чистеа и крајбрежјата на 35 земји во светот, меѓу кои и Хрватска, Словенија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Монако, Франција, Италија, Белгија, Германија, Шведска, Данска, Финска, Швајцарија, Англија и САД, и други.


Ова е благородна акција која ги соединува луѓето со една иста цел- да се зачува природната средина за идните генерации и конечно да се делува за овој глобален проблем. Ова е одличен почеток на една голема акција која планираме да прерасне во традиција. По Охрид ни престои, меѓу останатото и голема глобална акција за подводно чистење на уште неколку локации ширум земјава, со што Македонија како туристичка дестинација може да стане позната и по најголемата акција за чистење на подводен отпад – додаде Ангелески. 

Следните акции во Македонија ќе се одржат во октомври, кога ќе се чистат Преспанското и Дојранското Езеро.

OhridNews