Нуркачите  викендов наполнија цело кајче со градежен шут, кој беше подигнат од дното на Охридското Езеро кај Градиште. Овој отпад кон крајот на летото бил истурен на места каде се мести охридската пастрмка, со што се загрозени природните мрестилишта на овој ендемски вид риба.


– Извадивме 11 вреќи најразличен градежен материјал, вар и друго, а на места каде има вакво загадување охридската пастрмка нема да може да се мрести поради што презедовме активности за вадење на отпадот од езерските води, истакна Милутин Секлулоски, од нуркачкиот центар „Амфора“.


Акцијата за чистење на Охридското Езеро од цврст отпад е дел од проектот за заштита на езерото на Одделението за заштита на животната средина при општинскиот сектор за урбанизам, во рамки на кој беше изготвена мапа со жешки еколошки точки во Охридското Езеро.

– Тој што го има фрлено овој градежен шут ќе треба да се соочи со себе кога ќе ги види овие снимки во медиумите и ќе сфати дека ова е едно злосторство кое се прави на Охридското Езеро, додава Секулоски.


Од Секторот за урбанизам и заштита на животната средина најавуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во иднина со цел да се влијае на свеста на граѓаните за последиците од загадувањето на животната средина.

OhridNews