Со пригодна свеченост и активности што се одржуваат викендов, Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид одбележува 15 години постоење.
Нуркачкиот центар „Амфора“ е познат во јавноста по бројите еколошки акции за чистење на Охридско Езеро, подводни археолошки и научни истражувања, традиционалното подводно китење на новогодишната елка во Охридското Езеро, еко-документарните филмови и туристичка промоција на Охрид.
Нуркачкиот центар „Амфора“ слави еден мал јубилеј, така барем ние го третиравме, но кога почнавме да чепкаме по некои материјали за да ги изложиме на самата презентација, видовме дека ќе ни требаат всушност неколку дена за да ги претставиме нашите активности – подводни истражувања, обуки на припадниците на МВР, МО или Црвениот крст, односно уште многу подводни активности. Сепак, поентата ја ставаме на едукација на нуркачи и организирани групи. Слободно можам да кажам дека последниве години се бележи подем на заинтересираност за нуркање, па во овој период имаме најголем број нуркачи што ги обучуваме, споредено со поранешните години. – вели во изјава за „Нова Македонија“ Милутин Секулоски, меѓународен нуркачки инструктор, познат по откривањето на подводниот археолошки локалитет Плоча Миќов град во Градиште, предводник на бројни еколошки акции, и големиот и единствен подвиг на пренуркување на целиот периметар на Охридско Езеро.

Прославата на „Амфора“ на која присуствуваат бројни гости од земјата и странство, продолжува денеска со нуркање со бродот „Александрија“.
OhridNews

















