НВО „Опција“ Охрид е дел од 16-те организации на ниво на Македонија, коишто директно се вклучени во спроведување на теренските активности за превенција, грижа и поддршка за ХИВ помеѓу ранливите граѓани.
Тие пред јавноста ги презентираа истражувањата и научните податоци поврзани со ХИВ, односно начините за превенција од оваа опасна болест.
„За да се заштитиме од ХИВ најважно е да користиме заштита, односно кондом при секој сексуален однос, без разлика на полот, сексуалната ориентација, брачниот статус, надворешниот изглед на партнерот/партнерката. Крвниот начин на пренос на ХИВ се спречува со употреба на стерилна опрема при инјектирање на дрога. ХИВ не претставува директно пренослива инфекција, невозможно е да се пренесе преку вообичаените социјални контакти и затоа не смее да се третира како карантинска болест и да се нарекува „зараза“. Таа е хронична инфекција со којашто, доколку се открие навремено, како и со соодветна здравствена грижа и терапија, луѓето живеат долг и квалитетен живот, со животен век кој е речиси еднаков на оној кај општата популација. Докажаните начини да се контролира ХИВ-инфекцијата се зголемувањето опфатот на доброволното тестирање за ХИВ кај населението и обезбедувањето навремена терапија за оние што живеат со вирусот. Обединетите нации децидно нагласуваат дека нема успешна контрола на ХИВ инфекцијата без почитувањето и промоцијата на човековите права на најранливите групи граѓани.“ – велат од невладината „ХЕРА“.
Од страна на здруженијата со апел до стручната јавност, при известувањето да се користат информации коишто ќе понудат сеопфатно и коректно информирање и нема да доведат до индиректно разоткривање на нечиј идентитет.
„Апелираме до сите дека сензационалистичкото известување за местото на живеење, возраста, образовната средина, сексуалното однесување и сл. не само што можат да доведат до индиректно разоткривање на нечиј идентитет, туку и сериозно ги обесхрабруваат луѓето да се тестираат за ХИВ, а оние што веќе се тестирале и се ХИВ-позитивни, ги одвраќаат од тоа да побараат здравствена грижа и да пристапат кон лекување. Потсетуваме дека е од огромна важност, луѓето кои биле во ризик, што порано да го дознаат својот ХИВ-позитивен статус, бидејќи навремената терапија значи долг, здрав и квалитетен живот. Исто така, терапијата значи и превенција, бидејќи т.н. антиретровирусни лекови ја намалуваат веројатноста за пренос на вирусот по сексуален пат за дури 96 отсто. Апелираме до Владата дека по заминувањето на Глобалниот фонд во 2016 година, кога Македонија ќе престане да прима донациски средства за програмите за ХИВ, државата ќе треба да изнајде начин како овие клучни јавноздравствени програми да продолжат успешно да функционираат во соработка на граѓанскиот сектор и Министерството за здравство.“ – информираат од „ХЕРА“.
OhridNews