Единаесет листи за членови на Советот на Општина Охрид, од кои 7 од партии и 4 независни листи се поднесени за претстојните локални избори кои ќе се одржат на 19 октомври. Истите треба да бидат потврдени за да можат да бидат јавно објавени, информираат од Општинската изборна комисија во Охрид.
Дел од партиите веќе јавно ги објавија советничките листи.
Коалицијата за локални избори 2025 предводена од СДСМ излегува со силна и чесна советничка листа. Носител на листата е Јане Тодороски, човек со визија, искуство и енергија кој ќе ја предводи нашата заедничка борба за подобра и поуспешна општина. Нашиот тим е составен од луѓе кои секојдневно живеат со проблемите и предизвиците на граѓаните и знаат како да ги решат. На локалните избори, глас за листата на СДСМ е глас за промени, развој, транспарентност и чесност!, посочуваат од СДСМ Охрид.
Советничка листа на Коалицијата предводена од СДСМ
Носител на листата на кандидати за членови на Советот на Општина Охрид од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ за претстојните локални избори е актуелниот претседател на Советот, Перчо Божиновски.
Ги обединивме искуството и младоста, енергијата и мудроста, визијата и традицијата. Тим на чесни, вредни и посветени луѓе кои работат за доброто на Охрид и охриѓани. За победа уште во првиот круг на Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид и освојување на мнозинството во Советот, велат од ВМРО ДПМНЕ Охрид.
Советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“
Од Левица Охрид информираат дека носител на нивната советничка листа е Виолета Аврамоска, по која следуваат Георги Ристески и Ирена Цветкоска.
Нашиот тим од 23 кандидати, од кои 12 жени и 11 мажи, од различни возрасти е составен од чесни работници од различни сфери на работното опкружување, која ја отелотворува вистинската работничка класа на нашиот Охрид. Левица, непрестано ги застапува интересите на младите луѓе, работниците, занаетчиите, текстилните работници, здравствените работници, земјоделците итн., посочуваат.
Советничка листа на Левица
Општинската организација – Охрид на Движење ЗНАМ За Наша Македонија посочуваат дека доставиле Советничката листа на кандидати за членови на Советот на општина Охрид, предводена од м-р Марина Ѓоргоска, актуелна директорка на ОУ “Христо Узунов” – Охрид, дипломиран наставник по одделенска настава и магистер по методика, математика и дидактика.
Н.С.Ј.