Преку проектот „Пограничен интелигентен акцелератор за иновативни ИКТ старт-апи (ИПГА)“, финансиран од Европската Унија, објавен е повик за учество во обуки, како дел од акцелераторска програма, која има за цел стимулирање на претприемништвото во пограничниот регион меѓу Грција и РС Македонија.
Учесниците ќе научат за изработка на бизнис модел канвас, заштита на интелектуалната сопственост, развој на стратегија, пристап до финансии, подготвеност за инвестиции и презентирање пред инвеститори. Обуките ќе ги спроведат истакнати професифоналци, кои доаѓаат од партнерите во проектот: Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење (НЦРИПУ), Фондација Претприемачки сервис за млади (ПСМ), Универзитет за информатички науки и технологија (УИСТ) „Св. Апостол Павле“, Бизнис ICT Парк Тесалоники и Иновациската зона Александер во Грција.

Од компанијата „PrimePoint Partners“ информираат дека може да аплицираат: индивидуалци кои сакаат да креираат свој бизнис, тимови кои сакаат да креираат нова компанија, стартап компанија во ран развој и минимум еден од учесниците од тимот треба да биде со место на живеење во некоја од општините кои граничат со Република Грција.
Предавањата ќе се одржат во текот на април, а дополнителните настани во текот на следните месеци (мај, јуни, јули). Предавањата ќе ги одржат професори и истакнати менаџери од земјава и од Грција.
Учеството на програмата е бесплатно и ќе се одвива онлајн. Повикот ќе биде отворен до 31 март. Сите заинтересирани може да аплицираат со пополнување на формата ТУКА.












