Наскоро ќе започне реконструкција на Општата болница. Овој зафат е дел од првата фаза од проектот за реконструкција на 20 јавни здравствени установи во Македонија.

Услови за реализирање на проектот се создадоа по неодамнешното потпишување на Договорот за заем со банката за развој при Советот на Европа, при што се одобрени 23 милиони евра.  Во финансирањето на првата фаза на проектот, покрај 23-те милиони евра од Банката за развој при Советот на Европа, учествува и Владата со исто толку финансии. Вкупната вредност на проектот ќе биде од 130 до 150 милиони евра. Според министерот Османи, Министерството за здравство ги направило подготовките за реализација на проектот. Спроведени се сите постапки за јавните набавки потребни за градежните зафати, а следната недела ќе се изберат и изведувачи. Градежните работи министерот очекува да почнат во текот на следниот месец. – Станува збор за историски зафат во здравството кој по повеќедецениско запоставување на здравствените објекти ќе овозможи значително подобрување на условите за третман на пациентите, како и за работа на медицинскиот персонал, вели Османи.

Освен Општата болница во Охрид, со првата фаза од проектот опфатена е  и изградба на нова зграда на Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје, реконструкција на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Чаир“, поликлините „Идадија“, „Букурешт“ и „Јане Сандански“, општите болници во Прилеп, Велес, Струмица, Гостивар, Куманово, Кочани и во Крива Паланка, Психијатриската болница „Негорци“, Специјалната болница „Јасеново“ и Клиничката болница во Тетово.

OhridNews