Денеска во Атина се случил помал инцидент, кога за време на протест, неколку учесници се обиделе да влезат во грчкиот парламент, каде што се расправа за недоверба на владата поради договорот за името склучен меѓу Атина и Скопје. Седницата за недоверба беше закажана по барање на опозицијата, поради договорот кој пред неколку дена го постигнаа грчкиот и македонскиот премиер Алексис Ципрас и Зоран Заев.

Грчката полиција успеа да спречи неколку демонстранти, кои носеа кациги, да влезат во парламентот, објави новинската агенција АНА.

Според информациите, повеќе демонстранти останале на влезните скали на парламентот, а други пред споменикот на непознатиот херој, кој се наоѓа пред самата институција, при што вееле грчки знамиња.

Порталот „Катимерини“ објави дека демонстрантите извикувале слогани против Владата за предавничко однесување. Исто така, порталот наведува дека бројот на демонстранти е далеку помал во споредба со оној на протестите кои беа организирани претходно годинава, со ист повод.