Секој пообилен дожд иста слика на улицата „Петрино“. Шахтите не можат да ги примат големите количини атмосферска вода која се меша со фекалната и се излева низ улицата од каде се шири непријатна миризба, велат локалните жители.

Тие и овој пат се пожалиле до ЈП „Нискоградба“ за проблемот кој редовно се повторува при поголеми врнежи, од каде, како што велат, секогаш добиваат ист одговор – секаде е така.

Но, дали е така, прашуваат локалните жители. Тие посочуваат на сериозен инфраструктурен проблем во проектирањето на канализационата мрежа во овој дел од градот, посочувајќи дека отпадните води кои доаѓаат од индустриските капацитети во околината преку цевка Ф600, се примаат во две помали цевки Ф300, а вишокот на вода од канализационата мрежа, особено при обилни врнежи како денешните, се излева по улицата и низ дворовите од куќите.

Пристап со аптека, продавница малку потешко, нема место каде што можеш да поминеш, а да не се намокриш. – се жалат мештаните.

Проблеми со излевање на атмосферска вода по обилните врнежи има и во други места, како и во стариот дел на градот, каде има специфична конфигурација на теренот.

Во вонредната прогноза, Управата за хидрометеоролоки работи предупреди дека поради големиот воден талог кој се очекува да го донесе влажната воздушна маса под чие влијание се наоѓа земјата, можни се локални излевања и проблеми во урбаните средини од времен карактер. Според најавите поинтензивни врнежи се очекуваат во текот на попладневните часови и ноќта, а поројни дождови се очекуваат и утре.

Г.М.