По претходно дадена согласност од градоначалникот Александар Петрески, објавен е  конкурс за избор на директор на Основното училиште “Григор Прличев”, во кое по поднесената оставка на Сашо Ставрески, во месец октомври за ВД директор  беше поставен Перо Георгиески, професор по физичко воспитување во училиштето.

Како што информираат од локалната самоуправа, деновиве ќе бидат распишани и конкурси за избор на директори и во училиштата “Христо Узунов” и “Братство и единство”. И во овие две училишта , пред самиот крај на мандатот директорите поднесоја оставка, по што беа поставени ВД директори до изборот на новите.

Градоначалникот Александар Петрески, кој ќе треба да ја донесе конечната одлука- кои ќе бидат првите луѓе на овие три основни училишта во Охрид, во неколку наврати потенцираше дека е задоволен од работењето на претходните директори.

– Сите заинтересирани кои ќе се пријават на конкурсот имаат еднакво право да бидат избрани. Како што налага процедурата, училишниот одбор на училиштето треба имињата на соодветните пријавени кандидати да ги достави до мене како градоначалник. Ако досегашните директори се најдат меѓу предложените, од моја страна нивната кандидатура ќе биде сериозно разгледана, затоа што сум задоволен од нивното досегашно работење, рече Петрески.

Согласно законската процедура, пријавените кандидати на распишаните огласи за избор на директор на основните училишта, се разгледуваат и селектираат од страна на надлежната комисија во училиштето, а имињата на кандидатите кои ќе се изберат како најсоодветни за извршувањето на директорската функција потоа треба да се испратат до градоначалникот кој ќе ја донесе конечната одлука.

ОhridNews