Браната на Слатинско Езеро во близина на село Слатино, општина Дебрца, ќе се реконструира, со што ќе се обнови овој значаен еко систем коj целосно исчезна откако во 2013 година пукна стариот насип. Оваа вест попладнево ја соопшти градоначалникот на општина Дебрца Игор Трајкоски.

Според најавите, проектот ќе се реализира со техничка и финансиска поддршка на UNDP, кој денеска го објави огласот за собирање на понуди за реконструкција на браната на Слатинско Езеро, кои јавно ќе бидат отворени на 17-ти август.

-Бевме многу обвинувани од опозцијата за лажни ветувања, но ние работевме напорно со UNDP за конечно денеска да биде објавен тендерот за реконструкција на браната на Слатиско Езеро, што ќе значи многу за развојот на општина Дебрца. – напиша на фејсбук градоначалникот на Дебрца Трајкоски.

Во февруари 2013 година како последица на обилните врнежи попушти стариот земјен насип на Слатинско Езеро, кој е изграден во средината на минатиот век. Рибниот фонд од езерото беше изловен и пренесен во други водни акумулации и реки. Водата од акумулацијата беше испуштена за да се спречи уривање на браната и загрозување на околните населени места.Четири години подоцна се најавува обнова на браната што ќе го врати исчезнатото езеро кое покрај за спорт и рекреација, се користеше за наводнување на плодното Слатинско поле.

OhridNews