Во пресрет на УЕФА Суперкупот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, едни од најголемите фудбалски клубови во светот, Град Скопје со полна пареа ги реализира и последните подготовки за активностите во неутралната фан зона, која ќе биде лоцирана во центарот на градот на плоштадот Македонија. Заради овој голем дуел, на националната арена „Филип Втори“ на 8 август градската управа во соработка со УЕФА, партнерите на УЕФА и ФФМ подготви дводневна богата музичка програма и активности во оваа фан зона.
Град Скопје подготви специјални meeting points за двете групи навивачи, од каде што ќе се упатат кон арената во боите на својот омилен клуб. Навивачите на Реал Мадрид ќе се сретнат на плоштадот Филип Втори, а навивачите на Манчестер јунајтед на платото пред спомен-куќата „Мајка Тереза“.
Сите активности и целосната музичка програма подготвени ќе се одржат во неутралната фан зона на плоштадот Македонија, каде што на неутрална позиција сите фанови ќе може да се забавуваат и да уживаат во еуфоричната атмосфера.
Неутралната фан зона ќе биде отворена на 7 и 8 август, од 11 часот па сè до 19 часот. На 7 август во 11 часот ќе започне грас-рут турнирот помеѓу момчињата, а во склоп на „Трофеј турата“ од страна на ФФМ. Девојчињата што ќе се натпреваруваат на грас-рут теренот ќе започнат во исто време наредниот ден.
Сите што ќе ја посетат неутралната фан зона ќе имаат можност да се фотографираат со трите трофеи на УЕФА, трофеите на Суперкупот, Лигата на шампионите и Лига Европа, а за анимирање и забавување со фановите секако ќе се погрижи и маскотата на Суперкупот 2017. Дополнителни активности ќе бидат организирани и од главните партнери на УЕФА – „Пепси“, „Хајнекен“, „Мастер кард“ и „Нисан“.
Првиот ден на големата бина на плоштадот Македонија ќе настапат Симона Попоска, DJ Mats, Contru DJ и ДЏ Бранчез, а во вторник на 8 август се очекуваат настапите на феноменалните Сара Мејс, ДЏ Дела, „Брас брадерс“ и ДЏ Боби.
Покрај сите досегашни подготовки за претстојниот натпревар, Град Скопје претстави и промотивно видео со цел да ги запознае странските посетители со знаменитостите и убавините на главниот град. Навивачката еуфорија се очекува да ги исполни улиците на Скопје во деновите што претстојат, а таа дефинитивно ќе кулминира на 8 август кога очите на јавноста и љубителите на фудбалот од целиот свет ќе бидат упатени кон Македонија.
OhridNews