Учениците кои ќе бидат опфатени со екстерното тестирање што ќе се одржи на 22-ри и на 24-ти јануари 2014 година, од денес ќе може да ги учат прашањата кои се објавени на Веб страницата на Министерството за образование и наука.

Министерот за образование, Спиро Ристовски очекува овој пристап значително да им го олесни екстерното тестирање на учениците.

-Задоволен сум од сработеното и од тоа како треба да изгледа целиот систем за да биде многу подостапен. Прилично е унапреден кон потребите на учениците. Очекувам зголемен пристап до базата во наредните денови. Во просек има околу 2.000 до 3.000 прашања по ученик и во зависност од бројот на часовите по соодветен предмет, ќе има од 200 до 400 прашања кои еден ученик ќе треба да ги знае во двата дена на полагањето, истакна вчера министерот Ристовски.

Бројот на прашања по наставен предмет зависи од тоа колку е тој застапен неделно, така што за предмет што учениците го имаат еднаш во неделата, во просек ќе има околу сто прашања. Двата предмета по кои ќе бидат тестирани учениците, ќе бидат објавени на список три дена пред полагањето.

До 10-ти јануари ќе може да се пријавуваат неправилности или нелогичности во прашањата и сите издржани забелешки ќе бидат разгледани и корегирани од стручен тим. За општи забелешки, пак, кои се однесуваат на проблеми со функционирањето на системот, ќе може да се интервенира во полето контакт.

Системот е достапен на македонски, албански и турски јазик, има опции за гимназиско или стручно образование, избор на насока и сите предмети од соодветната насока.

OhridNews