Објективот на охриѓанецот Александар Ковачески, веќе три години будно го следи и овековечува секој официјален настан на кој присуствува или е домаќин македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов. Како службен фотограф на претседателот, Ковачески е неизоставен дел од секоја официјална делегација на највисоко државно ниво.


Во јуни 2009, се одржуваше Самит на претседатели во Нови Сад. Во тоа време, како фотограф, работев за Македонската информативна агенција- МИА. Ми се јавија од кабинетот на претседателот и ме поканаа да го покривам настанот во Нови Сад, на кој учествуваше и македонскиот претседател. Се сложив и заминав на самитот каде се помина во најдобар ред. На следните неколку настани на кои учествуваше Иванов беа повикани други фотографи. Членовите на кабинетот на претседателот направиле споредба помеѓу неколкуте фотографи кои ги следеа настаните и тие се одлучија за мене, по што ми беше понудено да станам службен фотограф на претседателот Иванов, раскажува Ковачески.


       
Да се извршува оваа професија значи да се следи секој настан на кој присуствува или е домаќин претседателот, на кој покрај шефот на протоколот, неизоставен дел е и фотографот.


Може да се внесе и креативност во работата, но пред се од мене се бара и очекува да бидам прецизен и навремено ги направам фотографиите, бидејќи грешките не се дозволуваат. Станува збор за церемонии кои траат половина час или час и на кои според протоколот има само три минути за фотографирање. Или пак тоа се места на кои повторно не може да се влезе и направат фотографии. На почетокот добивав одредени насоки, но кога видоа како работам добив целосна доверба и слобода во мојата работа, додава Ковачески.


Патувањата се чести, некогаш со часови на аеродромите се чека следниот лет, а се случува и по еден ден патување во градот каде се одржува настанот да се пристигне утрото и веднаш да се започне со работа.


– Понекогаш е напорно со оглед на тоа дека на секој настан треба прв да сум на местото на настанот, а последен да заминам. Моите обврски завршуваат кога ќе завршат обврските на претседателот, вели Ковачески.

Како службен фотограф на претседателот, Ковачески имал можност да посети места и објекти за кои и не помислувал дека еден ден ќе ги види, кои им се достапни единствено на високите државни претставници.


Без разлика што сум службен фотограф сите безбедносни проверки мора да ги поминам и јас, но имам слобода кај што се движи претседателот да одам и јас. Имав можност да влезам во московскиот Кремљ- официјалната резиденција на рускиот претседател, во кралската палата во Будимпешта, конгресот во САД, во резиденцијата на израелскиот претседател, во Ватикан кај Папата. Како настан кој ме фасцинира би ја издвоил воената парада за победата над фашизмот во Москва во 2010. Таков грандиозен настан со беспрекорна организација досега не сум видел. Точно беа одредени локациите од кои можевме да фотографираме  и на секоја од нив требаше да пристигнеме два часа пред моментот кога ќе имаме можност да ги направиме фотографиите, објаснува Ковачески.


Од големиот број високи државни претставници кои имал можност да ги фотографира, според нивната харизматичност и спонтан однос, тој ги издвојува српскиот претседател Борис Тадиќ, поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, како и Ранија, Кралицата од Јордан. 

Тања Кувенџиска