И по повеќе изминати години откако охридската гимназија повторно функционира под  целосниот назив на светецот, патронот на градот, Свети Климент Охридски, на самиот објект на училишната зграда сеуште не стои потполното име на светецот.Недостасуваат буквите Свети, кои можеби од невнимание, но можеби и намерно не биле поставени ниту при реконструкцијата на зградата во 2007 и 2008 година.

Граѓаните со став дека тоа е голем пропуст со оглед на тоа дека станува збор за светец, а не за обичен или заслужен граѓанин кој ја имал честа неговото име да го носи една од најпознатите гимназии во земјата.

Многу луѓе и немаат приметено дека на објектот името стои како „Климент Охридски“, а не „Свети Климент Охридски“, тоа мора да се промени бидејќи со тоа се ускратува и значењето на македонскиот светец и еден од учениците на светите Кирил и Методиј кој учествувал во извршувањето на Моравската мисија и кој во областа Кутмичевица  ја формирал Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски Универзитет“, велат охриѓани.

Со мислењето на граѓаните се согласува и актуелниот вд директор на гимназијата, Никола Тренески.

Ќе поведеме иницијатива и ќе се консултираме со локалната самоуправа со цел да се исправи направениот пропуст. На поставената табла пред зградата стои правото име на средното училиште, но тоа треба да стои и на училишната зграда. Ќе се погрижиме наскоро се да си дојде на свое место, вели Тренески.

Од Завод и музеј Охрид, под чија заштита е објектот на гимназијата, ја поддржуваат иницијативата .

Кога ќе подготвуваме елаборат за ревалоризација на објектот, ќе може да се додадат буквите кои недостасуваат, но иницијативата треба да си ја поведе училишниот центар и локалната самоуправа, смета директорката Тања Паскали Бунташеска.

Изградбата на охридската гимназија,  започнала во 1908 година по фотографија од француска зграда во неокласицистички стил,а инвестирал Ејуп Сабри од Охрид. До 1944 година оваа зграда имала различна намена: турска управа, војничка касарна, општина, училиште со интернат и слично. По војната, гимназијата продолжува со нормална работа и со настава, за првпат, на македонски јазик. Во архивата на гимназијата, генерацијата матуранти 1945/1946 година, е првата евидентирана генерација матуранти-ученици во гимназијата “Св.Климент Охридски”.

Со текот на годините и политичките превирања името на гимназијата се менува од „Свети Климент Охридски“ во „Климент Охридски“ се до доцните 90- ти години, кога повторно се враќа целосниот назив на светецот.

Т.К.