На целата територија на државата, утрово паѓа снег со променлив интензитет. Врнежите ќе бидат пообилни во западните и северните делови (до понеделник наутро локално над 30 литри на метар квадратен), информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Воздушниот притисок ќе се намали за повеќе од 10 мерни единици. Ќе дува слаб до умерен ветер, во југоисточните делови од југоисточен, а во останатите од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.

Во Охрид времето ќе биде облачно со врнежи од снег и дожд. Минималната температура ќе биде околу нулата, а максималната ќе достигне 4 степени.

До утре ќе преовладува облачно време со врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места од снег. Врнежите повремено ќе преминуваат во снег и на некои пониски места, особено во ноќните и утринските часови. До крајот на денот во понеделник на планините ќе се формира позначителна снежна покривка, а нова од околу 15 сантиметри ќе има и речиси насекаде во западните и североисточните делови.

Од утре до среда ќе дува повремено силен ветер од северен правец (локално и над 60 км/час). Од вторник ќе преовладува променливо облачно и студено време со ниски утрински температури, а во вторник и во среда кон крајот на денот на места ќе има услови за провејување на снег, посочуваат од УХМР.

Сообраќајот на патиштата се одвива непречено по влажни коловози, со остатоци од кашест снег на планинските премини, соопшти Автомото сојузот.

Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.

OhridNews