Ранисављев неодамна ја издаде книгата “Мода и облекување”, која од страна на критичарите во Србија беше оценета како значаен придонес во областа која не е многу обработувана, една од основните човекови потреби- облекувањето. При тоа, прикажувајќи ги психосоциолошките корени и современи аспекти на модата .
– По изминати седум години пишување и две години доработка, книгата беше објавена во октомври 2010 на белградскиот Саем на книги, а официјално промовирана во март. Првичната идеја да ја пишувам произлезе од потребата на предметот кој го предавам- Психологија на облекувањето. Кога започнав да истражувам користејќи бројна литература, сфатив дека не е лесно да се одговори дури и на наједноставното прашање- Зошто се облекуваме? Се служев со литература од облaста на социологијата, психологијата, етнологија, филозофија. Одговорот на кој наидов е дека во почетокот човекот почнал да се облекува за да се покрие и заштити од надворешни влијанија, за потоа тоа да премине во потреба за истакнување на сопствениот статус, кој е важен и денес, потенцира професор Ранисављев.

Таа го нагласува и значењето на боите на облеката кои оддаваат многу за тоа во какво расположение се наоѓаме.
– Бојата има свое психолошко дејство и затоа и посветив значајно место во својата книга, објаснува професор Марина Коцарева Ранисављев. Ако сме расположени, најчесто се одлучуваме за појаки, весели бои и спротивно на тоа, штом не сме расположени се одлучуваме за некои смирени и неутрални нијанси, преку кои што понеприметно ќе го минеме денот .











