Во рамки на полициската акција „Фаланга“, Центарот за сузбивање на криминал во текот на изминатите шест месеци презеде континуирани мерки и активности за откривање и сузбивање на 19 члена криминална група. Групата од археолошките локалитети на територијата на Демир Капија, Свети Николе, Кавадарци и Скопје вршела илегално ископување на предмети од културна и археолошка вредност и истите ги продавала во РМ и во странство, информира денес  министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Криминалната група, исто така вршела продажба на икони за кои постои сомнение дека потекнуваат од црковни објекти, а се со непроценлива вредност за културното наследство во Македонија.

Меѓу приведените македонски државјани две лица се вработени во Управа за заштита на културно наследство, едно лице во Музеј на град Скопје, едно лице во Музејот во Демир Капија и еден полициски службеник во Велес.

Овие лица, како што рече Јанкулоска, давале информации за значењето, вредноста, безбедноста на културното наследство, организирале непречено пренесување на предметите од една до друга локација и продажбата надвор од државата.
Две лица странски државјани соработувале со криминалната група и од нив купувале вредни археолошки предмети кои потоа ги продавале во европските земји.

Во акцијата МВР извршило претрес во 23 објекти на подрачјето на Скопје, Велес, Куманово, Демир Капија и Кавадарци. При тоа биле пронајдени археолошки предмети изработени од керамика, бронза и метал, два керамички детали од теракота, пет слики, 14 икони на дрво со различни димензии, две стари црковни книги, литература за археолошки предмети, две неправилни плочи, еден глинен ќуп, 121 монета со различна неправилна кружна форма и големина, меѓу кои и една со изграфиран лик на Александар Македонски.

Сите пронајдени предмети ќе бидат предадени на вештачење со цел да се утврди нивната вистинска вредност.

OhridNews