Доајенот на македонското пливање, професор Александар Леко Радиќ е добитник на највисокото општинско признание, наградата за животно дело „ Свети Климент Охридски“ – Патрон на Охрид за 2013 година.
Одлуката на прес конференцијата, што се одржа попладнево во спомен куќата на Григор Прличев, ја соопшти градоначалникот Никола Бакрачески. Тој истакна дека до специјално формираната комисија за оваа пригода, составена од интелектуалци и личности со авторитет, пристигнале 11 апликации, од кои 10 целосни.
За највисокото општинско признание конкурираа: Димче Јанко –копаничар, Димитар Масевски –композитор, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ Охрид, Спец. д-р. Никола Михајло Филев – вработен во детското одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид, Петар Голабоски од Здруженето на граѓани „Аикидо Клуб Буџин“ Охрид, Проф. Александар Радиќ – Леко, Проф. д-р. Павле Митревски – творец од областа на науката,културата и образованието, Тоде Илиевски – филолог за животно дело во областа на книжевноста, енигматика и проблемски шах, Јордан Манасијески – сликар и Милан С. Белески – самостоен занаетчија.
– Сите кандидати се истакнати личности во своите области и кој и да ја добиеше наградата нема да беше незаслужена. Со вкупно 131 бод, според петте утврдени критериуми врз кои комисијата ја донесе одлуката, наградата „Свети Климент Охридски“ ја доби професор Радиќ, доајенот на македонското маратонско пливање и голем афирматор на Охрид, на спортот во Охрид, во Македонија и надвор од земјата, истакна градоначалникот Бакрачески.
На прес конференцијата, Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување на награди и признанија ги соопшти и имињата на добитниците на повелбите „Св. Климент Охридски“. Годинава тоа се двајца млади охриѓани: фотографот Стојан Стојаноски и соло пејачката, Миланка Новеска.
На Стојаноски наградата му се доделува за објавување на негови фотографии на светски познатите медиуми CNN,DW, Fox news, како и на веб страницата на NASA. Повелбата на соло пејачката Миланка Новеска и се доделува за големата афирмација на културните вредности на Охрид во земјата и надвор од неа.
Како што истакна претседателот на комисијата, Дејан Паноски, одлуката комисијата ја донела едногласно.
-Мене ми е посебно драго што и двајцата добитници се млади луѓе и оваа повелба би требало да биде еден потстрек за нив и можеби еден ваков чин на доделување признание на луѓе кои допрва треба да стапнат на опшествената сцена ќе биде иницијација повеќе да ги цениме позитивните работи наспроти деструкцијата.-рече Пановски.
Наградата и повелбите ќе бидат доделени на свечената академија по повод патрониот празник на градот, Св. Климент Охридски што ќе се оддржи на 8 декември.
OhridNews