Охридската публика со аплауз го награди филмот „Последниот Македонец – патот до истребување“, во режија на охриѓанецот Илија Пиперкоски, кој синоќа премиерно беше прикажан во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Овој играно – документарен филм преку факти и докази ја пренесуваа приказната за крвопролевањето, за поделеноста на македонскиот народ, за разделените семејства, моќта на соседите и желбата за уништување на Македонија. Временски тој е сместен во периодот пред Букурешкиот договор со кој Македонија се распарчува на многу делови.
-Премногу сум возбуден и се радувам што ве гледам во толкав број. Знаете имало луѓе, непријатели кои не напаѓале, со различни методи, со различни цели само за да не раздвојат, но во исто време имало луѓе кои не бранеле, пролеале крв и загинале за оваа земја и денес Македонија е држава благодарение токму на тие луѓе. Овој филм им го посветувам на сите луѓе кои направиле нешто добро за Македонија и на сите кои ја сакаат оваа земја. – изјави Пиперкоски во своето обраќање пред охриѓани.
Продуцент на филмот е познатата новинарка Снежана Лупевска Созен, а улогите ги толкуваат: Сашко Коцев, Ненад Начев, Славиша Кајевски, Зоран Љутков, Рубенс Муратовски и Биљана Драгичевиќ-Пројковска. Во филмот се пренесени ставови на историчари од Македонија, Србија, Бугарија, Грција, Турција и од Русија. Дел од екипата која работеше на филмот присуствуваше на охридската премиера.
-Ми преставува чест и задоволство што сме вечерва во Охрид кој не е само роден крај на режисерот Илија, но е колевка на македонската писменост и култура и на се што значи вековна култура на овој народ, јазик и нациа. Филмот зборува за едно тешко време кога се што се создавало во Македонија било оспорувано. Повод за создавањето на овој филм беше сто годишнината од Букурешкиот договор и главно ме интригираше прашањето зошто Македонија не станала држава. Задачата на Илија беше да го изработи играниот дел, мојата улога беше документарно – истражувачкиот дел. Благодарение на нашиот ентузијазам , Министерството за култура и Агенцијата за филм со скромни средства направивме нешто што мислам дека значи многу за македонскиот филм. – рече продуцентот на филмот Лупевска- Созен.
Според публиката, филмот е добар спој на документарна и играна продукција со повеќе или помалку познати факти, убаво сработена приказна и во ова премрежје низ кое што поминува Македонија е едно добро потсетување за секој Македонец кој треба да го види затоа што навистина отвора многу добра тема за размислување.
Филмот „Последниот Македонец – патот до истребување“ во Охрид ќе се прикажува и на 1-ви, 2-ри и 4-ти ноември со почеток во 20.00 часот.
Ивана Чичоска