Придружуван од директорите на јавните претпријатија и најблиските соработници, градоначалникот Никола Бакрачески, денес во исполнетата општинска сала, даде отчет за сработеното на локалната самоуправа во текот на изминатите четири години. Отчетот за сработеното во изминатите четири години, годинава има и печатена верзија. На околу триста страници, низ текст и фотографии се претставени дел од поголемите проекти.

– Овој печатен документ е и ќе биде сведоштво за идните генерации, да се потсетуваат како со напорна работа, истрајност и чесност, во исклучително тежок период на долгови и политички кризи се постигнуваат вредни резултати, рече Бакрачески.

Градоначалникот потенцира дека тој и неговите соработници се горди на постигнатите резултати, за што од големо значење било подобрувањето на организираноста и ефикасноста на администрацијата.

– Покажавме дека повеќегодишното финасиско тонење на Општина Охрид може да биде сопрено. За првпат во историјата на Охрид, долговите на Локалната самоуправа не само што не растат, туку имаат и сигнификантен тренд на опаѓање. И по ова сме различни од сите останати. Преведено во бројки тоа значи дека Општина Охрид во изминатиот четиригодишен период се има раздолжено за 13 милиони евра долгови по сите основи. 13 милиони евра финасиски средства се вратени назад во локалната економија. Овој состав на локалната самоуправа, почнувајќи од 4 Април 2013 до денес, не должи ниту еден денар на ниту еден доверител , односно ги има исплатено сите доспеани обврски по сите основи кои настанале во овој 4.5 годишен период од нашето работење, истакна Бакрачески.

Додаде дека трендот на намалување на долговите успешно го следеле и сите јавни претпријатија, кои подмириле голем дел од наследените долгови, а некои од нив оствариле и позитивни финансиски резултати. Напредок е направен и во областа на туризмот. Со модернизирање на пристапот за презентација и промоција на Охрид во светот, субвенционирани авио линии, субвенционирање на туристичката такса, се придонело кон зголемување на бројот на странси туристи.

Бакрачески потсети на реализираните инвестиции за спортско заживување на градот и општината, организираните спортски настани со поддршка на локалната самоуправа, внесувањето на нови културни содржини, како и успешното одржување на традиционалните фестивали и манифестации.

– Во период на преземањето на мандатот основните и средните училишта ги затекнавме во незавидна материјално финасиска состојба. Успеавме во изминативе четири години, значително да ги стабилизираме, па така денес средните училишта повеќе немаат долгови, а значително се намалени долговите на основните училишта. И покрај таквата ситуација во образованите институции, се обидовме да изнајдеме начин да направиме значителни реконструктивни зафати во овие установи во висина од 24 157 336 денари, рече Бакрачески.

Бакрачески зборуваше и за грижата на локалната самоуправа кон социјално загрозените лице, лица со попреченост, како и за успешно реализираните средства од странски фондови, изградени детски игралишта, пешачки патеки, рекреативни зони, патишта, паркови.

Потсети на отворените работни места со доаѓањето на „ОДВ Електрик“ и „Костал“, и започнатата реализација на крупните капитални проекти, меѓу кои современиот затворен зелен пазар, новата автобуска станица , затворениот пливачки базен. Најави дека наскоро стартува и изградбата на Домот за стари лица во Даљан.

Т.К.