Безживотно машко тело, утрово во 07 часот и 20 минути е забележано во водите на Охридското езеро. Телото е видено од граѓанин на оддалеченост од околу 5 метри од платформата на еден угостителски објект во централното градско подрачје каде длабочината на езерската вода е околу 2 метри.

-Се работи за машко лице од близу 25 годишна возраст, со кратка коса и висина од 180 сантиметри. Во моментот на пронаоѓањето бил облечен во сини фармерки во кои имало еден клуч, најк патики, бела кошула со долги ракави а под неа германски спортски дрес.-изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

На местото на настанот увид изврши јавен обвинител и полициски екипи. На безживотното тело не се забележани траги на насилство а во текот на денов ќе биде извршена обдукција.

СВР Охрид интензивно работи на утврдување на идентитетот на удавеното лице. Во таа насока, се молат граѓаните секоја корисна информација да ја достават до СВР Охрид или на телефонот 192.

OhridNews