Санацијата на штетите на инфраструктурата што изминатиот викенд ги предизвика невремето проследено со силен јужен ветер, ќе отпочне откако ќе се подобрат временските услови, информира локалната самоуправа.

Инаку невремето изминатиот викенд покрај штети на угосттелските објекти на крајбрежјето во центарот на градот, предизвика оштетувања и на кејот, градското пристаниште и езерската сигнализација, додека бродовите и другите пловни објекти навреме биле засолнети и не претрпеле штети. Денеска започна пријавувањето на штети од невремето до надлежната општинска комисија, од каде се децидни дека процедурата ќе се однесува само на легално изградени објекти.

Состојбата со високиот водостој на Охридското Езеро и реките во сливното подрачје, дополнително ја усложнува дождот кој повторно врне. Според информациите на ЕЛЕМ нивото на Езерото денеска е на котата 693,86 метри надморска височина, што е 11 сантиметри над максималната граница, додека според мерењата на УХМР тоа е пет сантиметри над природниот максимум.

OhridNews