По трет пат годинава, во раки на активностите за одбележување на Денот на рибарите, учениците од Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ подготвија 2000 литри рибина чорба која се вареше во голем казан поставен на малиот плоштад, во близина на градското пристаниште.
Чорбата се подготвувала три дена, а биле потрошени 500 килограми риба и зеленчук.
– Во подготовката учествуваа 15 ученици и седум професори. Задоволство, но истовремено и обврска е да се подготвува толкава количина чорба.Рецептата е добро позната и таа треба да се пренесува и на новите генерации, вели професор Блаже Јорданоски.
Инаку рибара за приготвување на чорбата ја обезбеди хотелот „Ројал“.
Учениците задоволни што биле дел од процесот на подготовката на чорбата.
– Задоволство ми е што учествував, деновиве иамвме прекрасна соработка со останатите ученици и професорите кои ни го пренесоа нивното искуство при подготовката, вели ученикот Томи Трајаноски.
Како и минатите години, дел од подготвената чорба ќе се достави и до ранливите категории граѓани, институциите и градинките во Охрид.
Покрај чорба, посетителите на манифестацијата имаа можност да вкусат и пача која на традиционален начин ја подготвија студенти и професори од Факултетот за туризам во Охрид.
-Во своето прво учество на оваа манифестација подготвивме 1000 порции пача според традиционален рецепт. Тоа беше навистина многу макотрпна работа. Нашите студенти околу 3 дена го подготвуваа овој специјалитет.-истакна професорката Ангела Василеска.
Т.К.