Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
– Одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба го симболизира континуитетот на македонскиот стремеж кон слобода и државност. На овој ден им оддаваме почит на македонските визионери и револуционери, на сите знајни и незнајни дејци и борци кои се бореа и изборија за нашата слобода, вели претседателот Иванов.
Премиерот Никола Груевски истакнува дека овој исклучителен датум е симбол на почетокот на организираното македонско револуционерно движење и воскреснатата идеја за слобода и остварување на основните човекови права во Македонија.
– Овој државен празник преставува сеопфатен паметник за македонското револуционерно дело во кое подеднакво учествувале, го поддржувале и помагале луѓе од различни припадности, сите кои биле обесправени, кои посакувале достоинство и слобода. Организираното револуционерно движење бил нивниот одговор на состојбите кои им биле наметнати и времињата во кои живееле и како такво во секоја смисла е поврзано со нашата земја – Македонија.Целта, која тие ја постигнале и темелот, кој го поставиле биле сосема доволни за генерациите по нив да го превземат аманетот и да продолжат да се борат за слобода, за подобар живот, за подобра иднина на Македонија. Таквиот аманет го носиме и ние денес, нашата борба е економски развој, воспоставување на систем на вредности и принципи кои се во функција на развојот. Она што ќе го изградиме денес, тоа ќе го оставиме во наследство да го надоградуваат и развиваат нашите деца, нашите внуци и сите идни потомци, наведува премиерот Груевски.
Празникот го честитаат и од СВР- Охрид.
– Како демократска и професионална институција во служба на граѓаните, оддавајќи им почит на македонските револуционери и на вековните идеали и стремежи за слобода на македонскиот народ, доследно ја продолжуваме борбата за изградба на стабилен безбедносен систем и ефикасно справување со безбедносните предизвици. Работиме неселективно, законски и етички, имплементирајќи ги современите европски стандарди на полициското работење и партнерски однос со граѓаните. Посветени сме кон доследно почитување и унапредување на човековите права и слободи и блискост со граѓаните, заеднички придонесувајќи во зацврстувањето на Република Македонија како демократска, правна, безбедна и модерна Европска земја, се наведува во честитката од СВР- Охрид.
Кон честитките се придружува и градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски.
– Во Солун на 23 октомври 1893 година се роди идејата за формирање на Внатрешна Македонска револуционерна организација на чија идеја за Независна слободна држава Македонија сите ние сме наследници а таа наша должност треба да ја пренесеме на идните поколенија исто онака како што ја наследивме од нашите претци. Низ различни историски премрежја преку Илинден 1903, Крушевската Република, државотворниот АСНОМ се оствари она што се замисли од шестмина дејци во Солун 1893 и ја покажа македонската желба и борба за своја држава, истакнува Трајкоски.
OhridNews