Околу 40 покер и флипер апарати, маса за рулет и платформи за играње карти и „блек џек“ ,  биле запленети во рамки на акцијата „Детонатор“ која ноќеска го опфати  нелегалниот бизнис со коцкарници во  Струшкиот регион. 

Според СВР Охрид  во рамки на акцијата, која се одвивала во координација со УЈП, биле исконтролирани  вкупно 6 објекти во Струга, Велешта, Лабуништа и Вевчани.

-Освен апаратите за приредување игри на среќа, во шестте објекти, биле пронајдени и 52 специменти-пластични жетони со парична вредност, 33 шпилови карти, 29 клучеви за покер апарати, 6 читачи за покер апарати, 9 коцки за играње, како и повеќе тетратки со евиденции за попис, изјави Стефан Димоски, потппарол на СВР Охрид.

Тој информираше дека сопствениците на сите објекти, кои противзаконски располагале, со коцкарските апарати се повикани на информативен разговор во полиција.

-По синоќешната акција, денес, во Полициската станица во Струга, се водат разговори со лицата сопственици на нелегалните апарати и на сопствениците на објектите, каде бесправно истите биле поставени. Во текот на денешниот ден, Полициската станица од Струга, ќе поднесе прекршочни и кривични пријави, рече Димоски.

Тој нагласи дека во акцијата, нема полициски службеници кои на било кој начин се поврзани со сопствениците на нелегалните коцкарски објекти.

Претходно акцијата  „Детонатор“ го чистеше нелегалниот коцкарски бизнис во Кочани, Виница, Македонска  Каменица, Крива Паланка, Делчево и Куманово.

OhridNews