ВМРО-Народна партија целосно и безусловно се враќа во матичната ВМРО-ДПМНЕ , ова пред малку го соопшти досегашниот претседател на ВМРО- Народна партија , Маријан Додовски, на прес- конференцијата која итно беше свикана со цел да се соопшти донесената одлука.

Наша заложба е напредок на земјата и сметаме дека своите идеи можеме да ги реализираме единствено во ВМРО- ДПМНЕ, рече меѓудругото, Додовски.

Овој чин на преминување во ВМРО-ДПМНЕ, покрај ИК и ЦК Додовски рече дека е подржан и од ветераните, жените и младите на партијата, како и огромното мнозинство на членови и претседателите на општинските комитети.

Како основна причина Додовски ги истакна несогласувањата со претседателот во сенка, Љубчо Герогиевски и неговите приврзаници.

Раководството и членството на ВМРО- Народна партија не може да прифати да биде заложник на Бранко Црвенковски, и таа апсурдна идеја на нашиот почесен претседател нема да го носи белегот на нашите имиња. Сметам дека денес е голем ден за ВМРО, бидејќи е ден кој пред идните поколениија ќе го избрише од нашите глави срамот кој ни беше нанесен во изминатиот период. Нема да му дадеме легитимитет на Георгиевски за тивкото перење на пари и на зделките со злато. Не сакаме и нема да дозволиме Љубчо Георгиевски и понатаму да не искористи како сурово месо за сопствените апетити и антимакедонски ставови и клеветите на македонскиот народ. Партијата нема и не смее да претставува база за Герогиевски и понатаму да го затскрива корумпираниот криминал, бидејќи лидерот го создава народот и задача е да им се служи на интересите на народот, рече Додовски. 

Според претседателот на општинската ВМРО- Народна партија, Ванчо Костоски, ваквата одлука е донесена без согласност на мнозинство од членството на партијата.

Додовски на ваков чекор се одлучи поради неговата голема финансиска задолженост, поради која уште по завршувањето на изборите почна да соработува со ВМРО- ДПМНЕ. Ние ја следевме состојбата и најновите случувања се очекувани. И покрај нашите барања, Додовски не закажа одржување состанок на извршниот комитет, затоа што знаеше дека ќе биде разрешен од функцијата претседател. Од негова страна постојано се вршеа притисоци врз членството, но и покрај тоа многу е мал бројот на членови и претседатели на ОК од 5- та изборна единица кои се одлучија да ги следат неговите одлуки, изјави за OhridNews, Костоски.

Тој информира дека уште денес во Скопје ќе биде одржан состанок на Извршниот комитет, по што во недела ќе следи и одржување на седница на Централниот комитет и потоа вонредна седница и верификација на веќе донесената одлука, за прв човек на партијата да биде избран Љубчо Георгиевски.      

Од општинската ВМРО- ДПМНЕ, велат дека преминувањето на членството од ВМРО- Народна партија во нивните редови во континуитет се одвивало изминатите месеци.

Масовно оваа појава дојде до израз по завшувањето на вонредните парламентарни избори. Можам да кажам дека нашата врата е отворена за секого кој сака да се приклучи кон нашето членство, рече претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов.

OhridNews