Поради нарушување на јавниот ред и мир, СВР Охрид, вчера го приведе и од слобода го лиши И.Ф.(58) од Охрид.

Приведениот, околу 01 часот и 30 минути, вчера, пред еден охридски ресторан започнал вербална расправија со неколку присутни гости кои  му кажале дека во ресторантот има организирана прослава по повод верскиот празник Богојавление-Водици. Револтиран поради тоа што неможел да влезе во угостителскиот објект, И.Ф. започнал караница на висок тон која набрзо прераснала во меѓусебно туркање, по што истиот, си заминал.

По кратко време, неколку гости кои биле на терасата од угостителскиот објект, го забележале И.Ф. како повторно се враќа. Тука, тој започнал уште една  караница со нив, заканувајќи им се дека има репетирано оружје. При неговиот обид за физичка пресметка, настанало меѓусебно туркање, во кое, еден од гостите, кај И.Ф. пронашол огнено оружје пиштол и оквир со десет куршуми. За оружјето и муницијата, И.Ф. не поседувал соодветна дозвола.

Информацијата на полицијата ја демантираат од семејството на приведениот. Оттаму изјавија дека И.Ф. интервенирал во локалот за да спречи инцидент кој го предизвикале гости во ресторанот, инаку блиски роднини на полициски функционер. Според нив тие го нападнале персоналот во угостителскиот објект кој го повикал на помош И.Ф кој, како што се тврди, бил ангажиран како обезбедување во објектот.

Со цел расчистување на случајот, СВР Охрид, на разговор повика повеќе присутни лица во угостителскиот објект. По целосно заокружување на сите околности на ова нарушување, СВР Охрид ке поднесе прекршочна и кривична пријава пријава.

OhridNews