13.09. Според информациите од спасувачките екипи кои утрово по пријава за случена несреќа започнаа голема спасувачка мисија на планината Галичица, при пад во бездна во близина на црквичката Св. Ѓорѓија, едно лице го загубило животот, а уште едно е повредено. Во групата биле уште две лица кои минале со незначителнин повреди и се наоѓаат во состојба на шок. СВР Охрид претходно соопшти дека се работи за албански државјани.
На местото на несреќата која се случила на непристапен терен се упатиле екипи на Центарот за управување со кризи, тимот за спасување на планини и непристапни терени на Црвениот крст, полицијата, медицинска екипа и екипа на охридската противпожарна единица.
-Во 11 часот добивме информација за инцидент кој се случил на планината Галичица. Спасувачката екипа на Црвен крст веднаш се упати на Галичица, се работи за непристапен терен каде во моментов се одвива акција за спасување. Од она што знаеме се работи за две лица кои се повредени, а според последните информации добиени од службата итна медицинака помош и ЦУК наводно едното лице подлегнало на повредите. изјави Сашо Точков од Црвен крст Охрид.
Снегот, непристапниот терен и лошите временски услови го отежнуваат одвивањето на спасувачката акција, посочи Точков. Тој истакна дека една спасувачка екипа ги згрижила повредените на кои им била пружена неопходна помош и тие се на пат за Охрид, каде ќе бидат преземени од соодветните служби.
На местото на несреќата во тек е увид, а истрагата треба да ги утврди околностите кои довеле до трагедијата.
Хронологија:
11.36.Охридската полиција и спасувачки тимови започнаа потрага по четворица планинари, најверојатно од Албанија, за кои стигнала пријава дека западнале во неволја на планината Галичица. СВР Охрид го потврди настанот, но не се соопштуваат детали, затоа што полициските екипи се уште работат на утврдување на околностите под кои се случил инцидентот.
Дознаваме дека најмалку едно лице паднало во провалија, но овие информации засега официјално не се потврдени. На терен се упатени и лекарски екипи.
Повеќе информации наскоро.
OhridNews