Министерот за култура, врз основа на предлогот од Комисијата, одлучи дека Јанкуловска ги исполнува општите и посебните услови утврдени со Конкурсот, а во согласност со доставената Програма за работа и развој на установата за периодот 2011-2015 година, поседува стручни и професионални квалитети за извршување на оваа значајна функција, информираат од Министерството за култура.
Програмата на кандидатот е конципирана во неколку дела кои детално се објаснети поединечно. Она што го издвојува овој кандидат од останатите е донесување на стратегија за работа и развој на установата во периодот 2012-2016 година. Ова укажува на сериозноста на кандидатот, на тенденцијата долгорочно и темелно да се води установата и да се планира нејзиното работење. Од доставената програма јасно се гледа високата професионалност во работењето, способноста за менаџирање и управување во културата, темелност во познавање на состојбите, добиена врз основа на долгогодишната активност во институциите од областа на културата, се вели во соопштението за јавност.
Која е Елизабета Јанкуловска?
Новоименуваната директорка на Охридско лето, Елизабета Јанкуловска е искусен културен работник. Од 1993 до 2007 работи во Универзална сала во Скопје, каде од 2003 – 2007 ја извршува функцијата програмски директор. На директорската функција во Охридско лето доаѓа како вработена во Министерството за култура во одделот за недвижно културно наследство.
На конкурсот за избор на директор на „Охридско лето“ беа пријавени шестмина кандидати, од кои само тројца ги исполнуваа критериумите наведени во конкурсот, посочуваат од Министерството за култура. Како што дознава OhridNews, покрај избраната, од тие што ги исполнувале условите на конкурсот во трка уште биле Благоја Петкоски и Емилија Маринова.